Изминатиов викенд, во Маврово, се одржа Семинар за визионирање и подготовка на Стратегијата за млади на општина Куманово за период 2014-2019. Присутни беа претставници на Локалниот младински совет, заедно со претставници од Советот и општината Куманово. Семинарот е дел од процесот на креирање на новата стратегија за млади во Куманово, и воспоставување на структурен дијалог на локално ниво.
Најпрво се дискутираше за претходната стратегија за Млади која беше изработена за периодот 2008-2013, за предностите и недостатоците на истата, што од стратегијата е спроведено, и на кој начин да се подобри начинот на пишување на стратегии, за да не останат идеите само на хартија, туку и да се превземе одговорност за нивно спроведување.
Габријела Бошков ги презентираше резултатите од истражувањето кое ЦМД го спроведе за да ги анализира потребите на младите во Куманово. Целта на истражувањето беше да се испитаат потребите на младите, со цел да се создаде стратегија која ќе одговори на нивните потреби. Она што како резултат излезе од истражувањето и младите го посочија како нивна потреба е: недостаток од можности за вработување, недостаток од физички простори за користење во слободно време, потреба од институција или сектор кој ќе работи на младинските прашања, желба за напуштање на градот.
Врз основа на овие прашања и потребата да се подобри нивото на вклучување на младите во процеси на носење на одлуки на локално ниво, претставници на институциите и Локалниот младински совет, дадоа предлог насоки и визии според кои ќе работи на унапредување на ситуацијата на младите во Куманово.
Унапредување на секторската и политичката подршка, градење на капацитети и професионална надоградба на млади, отворање на повеќе младински центри се само дел од предлог решенијата која работната група ги предложи овој викенд.Во следниот период ќе биде отворен консултациски процес, кој ќе вклучи повеќе локални организации, институции и чинители кои ќе го дадат своето мислење и предлози за изработка на стратегијата.
Проектот е раководен од Центар за меѓукултурен дијалог во соработка со Локалниот младински совет и општината Куманово, со поддршка на Програмата за развој на Обединети Нации (во рамки на проектот Гласот на Младите, граѓански ангажман и учество на локално ниво), и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.