Проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ од уметниците Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски, е национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година, што ќе се одржи од 20 мај до 26 ноември 2023 година.
Според описот, се работи за проект кој доловува една симболична претстава на стилизираната реконструкција на чардакот на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како асоцијација за лабораторија во која преку минатото ќе може да се создава иднината.
„Лабораторијата, односно работилницата (workshop) во дејствувањето на Летната школа за архитектура во манастирот ‘Свети Јоаким Осоговски’ 1992 – 2017 година, низ годините успеала да ги прошири границите на архитектурата во теоретска и практична смисла“, истакнуваат авторите.
Проектот е единствениот доставен до отворениот Конкурс за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Северна Македонија 18. Венециско биенале за архитектура.
Aпликацијата e доставена од Здружението за истражување на градот „Градот убав Скопје“, a комесар е Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Република Северна Македонија.
Венециското биенале за архитектура во 2023 година ќе се одржи во Џардини, во Арсенале, и на различни локации низ Венеција. Темата е „Лабораторијата на иднината“, а кураторка е Лесли Локо – реномиран архитект, академик и едукатор.