„Науката е мотор на практиката, стожер без чиишто научни докази и достигнувања е невозможен каков било прогрес“.
Ова се зборовите со кои вчера министерот за образование, Јетон Шаќири, се обратил пред присутните на Меѓународниот конгрес на хуманистички и општествени науки и уметности на Универзитетот во Тетово.
Министерот ги споменал и вложувањата во науката и научно истражувачката дејност.
„Финансиската поддршка која една држава ја дава за развојот на образованието ги мотивира новите генерации да се посветат на нивните студии и создава позитивен поврат за развојот на самото општество“, рекол Шаќири на конгресот.
Но, иако зборовите на министерот звучат убаво, реалноста изгледа сосема поинаку. Буџетот за наука предвиден за следната 2023 година, со Предлог буџетот кој го изгласа Владата, изнесува само 268 милиони денари и е најнизок во последниве 10 години. Дополнително, иако државниот Буџет секоја година се зголемува, оваа година за наука биле предвидени дури 42% помалку пари во споредба со 2014 година, а за следната се предлагаат дури 66% помалку во споредба со тогаш.
Колапсот на вложувањето во науката може поилустративно да се види доколку се споредат издвојувањата за наука со вкупните расходи на Буџетот. Тие веќе 10 години се во постојан пад. Додека во 2014 година за наука биле издвоени 0,44% од вкупниот државен Буџет, оваа година се издвоени само 0,15%, додека за следната година се предвидени само 0,08% од Буџетот за наука.
Земјава стои прилично лошо и кога ќе се спореди со регионот. Бројките за вложување во истражување и развој како процент од БДП покажуваат дека С. Македонија е многу далеку зад просекот на ЕУ, а длабоко заостанува и зад државите од окружувањето како Словенија, Грција, Хрватска, Србија и Бугарија. Единствено полоши во регионот се Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Но, запоставувањето на науката не е само впечаток базиран на буџетските цифри. Во истражувањето Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди, објавено на крајот на минатата година, академскиот кадар квалитетот на науката во Северна Македонија го оценил многу ниско. На скала од 1 (најлошо) до 5 (најдобро), издвојувањето средства за научно истражувачка работа од страна на државата просечно бил оценет со 1,4.
Од анкетираните 451 професори и соработнички кадар на универзитетите „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот во Тетово, „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетот на Југоисточна Европа, негативна оценка за издвојувањата за наука од буџетот на Министерството за образование и наука дале 87,6 % од академскиот кадар, додека позитивно се изјасниле само 1% од анкетираните професори и соработници. 54% од анкетираните дале лоша оценка за состојбата во која се наоѓа науката во земјава. 31% од анкетираните биле неутрални, додека само 11,5% дале позитивна оценка за квалитетот на науката.
Истражувањето дополнително покажува и дека академскиот кадар најчесто сам си го плаќа пристапот до литература, како и дека мали се шансите професорите и соработниците редовно да учествуваат на меѓународни конференции и настани.
„Во контекст на научноистражувачката работа, која е нераскинлив дел од академската професија, се истакна дека нејзе не ѝ се обрнува доволно внимание, за што учесниците во фокус групите истакнаа дека за тоа е единствено виновна државата, односно Министерството за образование и наука кое веќе долги години не издвојува средства за оваа дејност. Овој недостаток потоа се рефлектира на сите останати процеси. Така, овој проблем се јавува кај сите науки, со тоа што е повеќе потенциран кај науките за кои се потребни дополнителни услови (лаборатории, простории, земјоделски површини) како природно-математичките, земјоделските и медицинските науки“, стои во истражувањето кое го спроведоа професорите Петар Атанасов, Бојана Наумовска и Јован Близнаковски.
„Поддршка во делот на објавување трудови несомнено треба да постои, бидејќи за одредени науки овој процес чини многу, со што кадарот е изложен на дополнителни трошоци особено кога станува збор за објавување на трудовите во поквалитетни списанија. Во контекст на тоа што се бара како постигнувања и тоа што се нуди како можности и услови, генералниот став е дека се обезбедува само просечност, а за поголеми успеси и постигнувања, како и за поголема мотивираност и посветеност потребни се многу поголеми вложувања и посветеност од страна на државата“, дополнително стои во истражувањето.
Авторите во документот како препораки велат дека е потребно да се воспостави задолжително финансирање на научноистражувачката работа од страна на МОН и Владата по неколку линии, како и да се основа фонд за финансирање на научноистражувачката работа од страна на стопанството.
Тие велат дека на тој начин би се подигнал квалитетот на научноистражувачката дејност во С. Македонија и би се обезбедила основа за конкурентност со останатите земји, би се поставила основа за развој на општеството и би се креирале политики врз основа на сознанија.
Поголемо вложување во науката се провлекува како ветување во последните две владини програми. Откако не се исполни ветувањето од владината програма за периодот 2017-2020 дека до крајот на тој мандат С. Македонија ќе издвојува помеѓу 1% и 1,5% од БДП за истражување и развој, сега во програмата за периодот 2020-2024 стои дека Владата ќе формира оддел за научни истражувања во рамките на Фондот за иновации и технолошки развој, со истата цел.
„Од буџетот на одделот ќе се финансираат национални научноистражувачки проекти што ќе ги зајакнат капацитети на универзитетите и научните институти со ставање во функција на постоечката научно-истражувачка опрема. Одделот ќе се формира во 2020 година, со цел во 2024 година вкупното издвојување за наука да биде до 1,5%“, стои во програмата на Владата.
Иако требало да биде завршено до 2020 година, не постои никаква јавно достапна информација дека бил формиран ваков оддел при Фондот за иновации и технолошки развој.
Даниел Евросимоски