ОН: На третина од населението на Судан му е потребна хуманитарна помош

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН) Фолкер Тирк изјави дека на една третина од населението на Судан му е потребна хуманитарна помош, пренесува Ал Џазира Балканс.

На прес-конференција во Картум, главниот град на Судан, Тирк рече дека 7 милиони луѓе во Судан се соочуваат со закана од глад поради несигурноста од храна.

Тој додаде дека Судан се наоѓа во тешка и опасна ситуација, истакнувајќи дека ја посетил африканската земја набргу по неговото назначување.

Турк рече дека е неопходно итно да се обезбеди помош и поддршка на Судан.

„Нашата канцеларија во Картум, исто така, забележа 19 случаи на силување и сексуално вознемирување, а можеби и повеќе, за време на демонстрациите што започнаа на 25 октомври 2021 година“, рече тој.

Како што рече, ситуацијата во Судан не се подобрува, истакнувајќи дека на цивилите им е потребна итна заштита и дека треба да се развие национален акционен план за обезбедување безбедност.

Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја собори привремената влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба, потег што се смета за воен удар.