„Кралот алкохол“ – изложба на Соња Ставрова во МКЦ

Серијалот на фотографии „Кралот Алкохол“ од уметницата Соња Ставрова, утре, на 19 ноември ќе биде претставен во Младинскиот културен центар.

Изложбата ќе биде отворена во 21 часот, а присутните ќе може да видат фотографии посветени на традиционалниот кафеански живот во Тиквешкиот регион, со фокус на градот Кавадарци.

„Изложбата зема мотиви од романот ‘Кралот Алкохол’ или John Barleycorn (1913) од американскиот писател Џек Лондон. Во таа смисла, делата се потпираат врз мотивот на постојаното враќање кон алкохолот и средбата со пијалокот како засолниште од сомнежите поврзани со човековата доволност и достојност“, пишува за изложбата Мања Величковска.

Претходно во септември, изложбата беше поставена во Кавадарци, во рамки на програмата на „Тиквешки гроздобер 2022“.

Соња Ставрова (1992) е родена во Кавадарци, живее во Скопје и е магистриран фотограф на катедрата по фотографија на интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје. Таа е еден од основачите и член на “Bulb”- асоцијација на фотографи. Во своето уметничко творештво фотографијата ја користи како медиум преку кој истражува општествени теми и актуелни глобални и локални случувања. Како најчест израз ја користи концептуалната фотографија и симболизмот.

„Кралот алкохол“ – изложба на Соња Ставрова во Кавадарци