На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1. [Фото] „Ајде да ги замениме оброците“ – студентите им оставија лепче и зденка на пратениците
Чинии со лепче и зденка беа оставени попладнево пред законодавниот дом, каде десетици студенти протестираа и од пратениците побараа „да ги заменат оброците“. Во собраниската зграда пак, течеше средба помеѓу претставници на универзитетските студентски собранија, пратеници и претставници од Министерството за образование и наука, откако по бурните реакции на јавноста беа повлечени измените на Законот за субвенциониран студентски оброк.
Студентите пред Собранието извикуваа „Нема да ви помине“, а истовремено беше испишан и зборот „отпор“ на асфалтот од блокираната улица.
2. Помалку пари за учениците, студентите и наука, а повеќе за плати – Што предвидува Предлог буџетот за 2023 [Инфографик]
Големи кратења кај ученичкиот и студентскиот стандард, намалување на средствата за инвестиции во образованието и преполовување на парите предвидени за наука се предвидуваат со Предлог буџетот за 2023 година, кој беше усвоен од Владата на Северна Македонија.
Буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) треба да се зголеми за 2,16 милијарди денари, односно околу 8,4% во споредба со Ребалансот на буџетот од годинава. Најголем дел од ова зголемување отпаѓа на ставките за плати, а најголем дел од ставките за развој и инвестиции забележуваат намалување.
3. „Кој те фарбаше бе? Мајка ти?“ – Насилството од наставници врз ученици не се пријавува и не се контролира
Деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици се забележува во две третини од сведоштвата на анкетирани 49 ученици и млади луѓе на возраст од 15 до 29 години. Според исказите на испитаниците некаква форма на ученичко насилство најчесто вршат наставниците по физичко образование, а најголем број од пријавените случаи биле во Скопје и Битола.
Овие податоци ги открива Анализата „Утврдување на деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици во образовниот процес“ спроведена преку отворениот прашалник „#КажиСи“ од граѓанските здруженија „Младите можат“ и Здружение Лидери за едукација активизам и развој (ЛЕАД).
4. [Фото] Со минута молк за студентскиот стандард заврши Студентскиот марш пред МОН
Со подигнати жолти картони за „прва опомена“, минута молк за студентскиот стандард, скандирања „Студентски отпор“ и говори, вечерва студентите го завршија Студентскиот марш пред Министерството за образование и наука. Студентите претходно се собраа пред Владата на РСМ, а потоа маршираа по скопските улици носејќи транспарент со порака „Дали е ова 1939? Без образование нема држава“.
5. За наука ќе има најмал буџет во последнава деценија, а министерот Шаќири се фали со вложувања во научни истражувања
„Науката е мотор на практиката, стожер без чиишто научни докази и достигнувања е невозможен каков било прогрес“.
Ова се зборовите со кои вчера министерот за образование, Јетон Шаќири, се обратил пред присутните на Меѓународниот конгрес на хуманистички и општествени науки и уметности на Универзитетот во Тетово.