Оркестарот на Филхармонија во четврток (24 ноември) по повод 78 години од формирањето на институцијата ќе го одржи концертот „Азно“ на кој ќе настапат солистите Кирил Трусов и Гордана Јосифова Неделковска и диригентот Борјан Цанев.
На роденденскиот репертоар ќе се најдат делата од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и Петар Илич Чајковски.
Виолинистот Кирил Трусов е еден од водечките во неговата генерација. Тој, како што информираат од Филхармонија е редовен гостин на престижните светски сцени и најпознатите музички фестивали при што има соработувано со познати диригенти како Сер Невил Маринер, Владимир Федосејев, Даниеле Гати, Лоренс Фостер, Михаил Јуровски, Дејвид Стерн, Кристоф Попен, Владимир Спиваков.
Обоистката Гордана Јосифова-Неделковска магистрирала на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршила на академијата „Моцарт“ во Варшава, Полска и BANFF центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Јосифова-Неделковска како солист има настапувано со Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт-Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот Кими Синфониета од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија и многу други. На нејзиниот репертоар се дела од раниот барок, па се до современото творештво, вклучувајќи и бројни праизведби на дела од современите композитори и дела од македонски автори.
Диригентот и професор на ФМУ, Борјан Цанев е добитник на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“. Добитник е и на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Маестро Цанев во 2015 година го предводеше оркестарот на Филхармонијата на Република Северна Македонија на своето прво гостување во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.