Земјите учеснички на Конференцијата за климата на Обединетите нации КОП27, по исцрпувачките преговори во Шарм ел Шеик постигнаа договор за формирање фонд за помош на сиромашните земји погодени од климатските промени, пренесува Би-Би-Си на српски јазик.
Договорот и формирањето на фондот, сепак, не носи решение за борбата против причините за штетните емисии на гасови, наведува новинската агенција Ројтерс.
По тензичните разговори во саботата вечерта, египетските власти, кои го организираат КОП27, го објавија конечниот текст на договорот и во исто време ги поканија учесниците на самитот да го разгледаат и одобрат. Тие брзо ја одобрија одредбата за формирање фонд за „загуби и штети“ за да им се помогне на земјите во развој да се справат со непосредните трошоци од климатските настани како што се бурите и поплавите.
Но, тоа го покрена прашањето за многу контроверзни одлуки за финансирање на фондот за следната година, кога „преоден комитет“ треба да даде препораки до земјите кои потоа ќе бидат усвоени на самитот КОП28 во ноември 2023 година.
Тие препораки би требало да се однесуваат на „идентификување и проширување на изворите на финансирање“, односно кои земји треба да придонесат со финансиски средства во новоформираниот фонд.
Двонеделниот самит беше тест за земјите да видат дали се подготвени да се борат против климатските промени.
Дури ни војната во Европа, енергетската криза и инфлацијата не го намалија интересот на јавноста за прашањето на климатските промени.
Самитот, наречен Африкански КОП, требаше да го истакне фактот дека сиромашните земји се соочуваат со најсериозните последици од глобалното затоплување, кои најчесто се предизвикани од богатите индустриски развиени земји.