Репрезентативците на Иран одбија да ја пеат химната пред нивниот прв меч на Светското фудбалско првенство во гест на поддршка на анти-владините протести кои се случуваат во нивната држава.
Можеше да се слушне и како дел од навивачите ја исвиркуваат химната, а се гледаа и транспаренти со пораката „Жени, живот, слобода“, која е своевиден слоган на иранските протести кои траат веќе трет месец.
Државната телевизија на Иран го прекинала преносот кога се свиреле химните и ја префрлила снимката на претходни кадри од стадионот на кој се играл натпреварот.
Претходниве недели демонстрациите во Иран се соочија со жесток одговор од власта во земјата.
Протестите беа предизвикани од смртта на Махша Амини, 22 годишната жена која умре во полициски притвор, откако беше уапсена од „полицијата за моралност“ поради наводно кршење на строгите правила за покривање на главата во јавност.
Според организациите за човекови права, од почетокот на демонстрациите во Иран биле убиени повеќе од 400 демонстранти, додека дополнителни 16.800 луѓе биле уапсени од безбедносните служби.
Властите во Иран тврдат дека протестите се „немири оркестрирани од надворешните непријатели на земјата“.
Навивачите за време на натпреварот извикувале и „Али Карими“. Се работи за поранешен фудбалер на Иран, кој е еден од најгласните критичари на Исламската Република и еден од најпознатите лица на протестното движење.
Селекторот на Иран, Карлош Кеирош изјави дека неговите фудбалери можат слободно да протестираат поради правата на жените во нивната држава се` додека се во согласност со правилата на Светското првенство и духот на фудбалот.
Претходно иранските играчи ги прекрија грбовите на националниот тим на нивните дресови за време на двете пријателски средби кои ги играа во септември.