Во рамки на ТАКСИРАТ Фестивал, ПИН – единствената меѓународна музичка конференција и „шоукејс“ во нашата држава, своето деветто издание ќе го одржи од 24 до 26- ноември во Младински Културен Центар – Скопје.
Таксират и Пасворд Продакшн овој ПИН се домаќини на повеќе од 250 гости, кои, како што велат, се едни од најрелевантните имиња во музичката индустрија (букери, промотери, новинари, агенти) и на најактуелните музички таленти од Европа, регионот и од кај нас.
„Во текот на овие три фестивалски дена, сите посетители ќе имаат шанса да ја проследат дневната панел програма во Кино Фросина, каде ќе се дискутира на топ теми во индустријата, трендови поврзани со музичката сцена, продукцијата, културата и сите влијанија на нејзе“, посочуваат организаторите.
Влезот за конференцијата е бесплатен со задолжителна регистрација. ТУКА може да се резервира место и да се добие акредитација. ТУКА може да се погледне кои професионалци ќе бидат дел од панелот.
„Продолжуваме и со бесплатна вечерна концертна програма која ќе го разигра Скопје со звукот на млади и талентирани артисти, внимателно избрани да донесат разновидни звуци за создавање на добра забава до доцна во ноќта“, соопштуваат организаторите, дополнувајќи дека сите артисти можат да се погледнат ТУКА.
Исто така, „Пасворд“ објавија дека ќе има и заедничко гледање на Светското првенство во Катар.
ПИН музичката конференција е организирана со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI Music Hub), проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.