Во организација на Фондација „Метаморфозис“ на 7 декември во Кинотека ќе се одржи проекција на филмот „Сестри“ од Дина Дума, по што ќе следува дискусија за сајбернасилството.
Во 16 часот и 45 минути, настанот насловен „Сајбернасилство: Последици во реалниот живот“ во организација на Фондацијата „Метаморфозис“, ќе започне со бесплатна проекција на филмот, кој е единствениот македонски филм достапен на локалната програма на „Нетфликс“, а ја обработува темата на сајбернасилството.
„Социјални мрежи, апликации за пораки, видео игри и мобилни телефони – сајбернасилството се случува речиси секаде онлајн. Злоупотребата на Интернетот и леснотијата со која се врши насилство од и кон младите преку електронските уреди, можат да остават трајни последици во животот на поединецот“, велат организаторите.
По проекцијата ќе се одржи панел-дискусија за сајбернасилството на која ќе зборуваат режисерката на филмот, Дина Дума и психологот Радмила Живановиќ.
Како да се препознае насилството што се случува во сајбер просторот, какви последици предизвикува истото и најважно, како да се спречи, се главните прашања кои ќе бидат во фокус на дискусијата.
Поради ограничениот број на места во Кинотека, потребно е заинтересираните да го пријават своето учество на формуларот за присуство.