Руските пратеници го поддржаа законот со кој се забранува „ЛГБТИ пропаганда“ за возрасни

Долниот дом на Руската Државна Дума на третото читање го одобри новиот контроверзен закон со кој се забранува „ЛГБТИ пропагандата“ за возрасни, пренесува „Еуроњуз“.

Со овој предлог – закон се забранува рекламирање на медиуми, книги, филмови и театарски претстави за кои се смета дека промовираат хомосексуалност, а предлогот предвидува и забрана на секој граѓанин да им дава информации на децата за педофилијата и родовите транзиции.

Мерката значително ја заострува репресијата врз ЛГБТИ заедницата во Русија со што ја проширува и претходната законска измена со која во 2013 година се забрани „ЛГБТИ пропагандата“ за деца и млади луѓе под 18 години.

Споделувањето на материјал поврзан со ЛГБТИ правата, хомосексуалноста и родовиот идентитет ќе биде казниво со парични санкции од 400.000 рубљи до 5 милиони рубљи или 80.000 евра за правни лица. Странските државјани кои нема да го почитуваат овој закон ќе бидат протерани од државата.

Предлог-законот пред да се усвои треба да помине и на читање и кај горниот дом на парламентот – советот, а потоа да го потпише претседателот Владимир Путин.

Врз основа на преседан, не би требало да има потешкотии за да се потпише и усвои како закон.

„Овој закон ќе ги заштити нашите деца и иднината на земјава против црнилото што го шири САД и европските земји. Ние имаме наши традиции и вредности“, изјавил претседателот на Државната Дума, Володин Вјачеслав.

Сепак, групите за човекови права изразија загриженост во однос на донесувањето на ваквиот закон бидејќи мислам дека ќе ја зголеми цензурата и хомофобијата во Русија и ќе ја притисне ЛГБИ заедницата.

ЛГБТИ мрежата го нарече како апсурден обид што ја понижува и дискриминира заедницата. Досега се проценува дека многу од членовите на руската ЛГБТИ заедница ја напуштиле државата од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари годинава.