На денешната владина седница предлог проектот за стратешка инвестиција во ски-центарот Попова Шапка доби зелено светло, соопшти министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Станува збор за понуда за стратешко партнерство од страна на компанијата „ТехноАлпин“ од Јужен Тирол во Италија. Целосниот предложен проект би се реализирал во 6 инвестициски фази и би чинел 186 милиони евра.
Според Нуредини компанијата понудила амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка преку модернизација на постоечката ски зона и нејзино проширување, подобрување на примарната инфраструктура и туристичко сместувачките капацитети, како и проширување на туристичката понуда на актуелните барања на туристичкиот пазар.
„Имено, со задоволство најавуваме дека имаме сериозен понудувач за развој на ски-центарот Попова Шапка. Тргнувајќи од фактот дека туризмот на македонските планини иако доживува позитивен тренд, има силна потреба од масовно реновирање на постоечките капацитети за да ги исполни тековните стандарди за квалитет што ги бара пазарот, инициравме физибилити студија за проект за реновирање на ски центарот Попова Шапка. Попова Шапка во едно минато време беше предизвик за врвни имиња на зимските спортови, но за жал долгогодишното неинвестирање доведе до сериозно заостанување и неискористеност на бројните можности и капацитети за развој на туризмот што го нуди овој планински локалитет високо вреднуван и на европско и на светско ниво“, вели Нуредини.
Тој додава дека проектот вклучува реновирање на постојните капацитети, поставување на систем за правење снег, проширување на постојната скијачка зона со нови објекти и патеки, реновирање и проширување на хотелите, изградба на нови хотелски капацитети, изградба на асфалтни паркиралишта, велосипедски патеки и креирање на други рекреативни активности, со што, според него, овој центар ќе добие можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.
„Станува збор за голем инвестициски проект што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности на начин со кој покрај максимална заштита ќе обезбедиме услови за социоекономски развој и можност нашите природни убавини да бидат атрактивни, европски и да привлекуваат туристи од целиот свет, да ѝ носат приход на државата, а за граѓаните да отвораат нови работни места и нови економски можности“, вели министерот Нуредини.
Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година, а првата инвестициска фаза е предвидено да изнесува околу 55 милиона евра.
Компанијата „ТехноАлпин“ е основана во 1990 година и е специјализирана за системи за вештачки снег. Според нивниот вебсајт, тие располагаат со околу 6 милиони евра буџет за иновации, имаат 16 подружници во 13 различни држави и имаат преку 600 вработени.