На 30 ноември од 20 часот во Салон Империјал 2 на Културно информативниот центар ќе биде промовирана книгата „Сок од простата: јубилејно издание“ од Јован Павловски во издание на Книгоиздателството Ми-Ан.
Промотори се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и проф. д-р Кристина Николовска, а музички настап ќе има Билјана Петровска.
Изданието е по повод 85 години живот и 65 години творечка дејност на истакнатиот македонски писател, енциклопедист и публицист Јован Павловски. Освен романот „Сок од простата“, во изданието се поместени и критички осврти за творештвото на Павловски од акад. Катица Ќулафкова, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Гоце Смилевски, проф. д-р Владфимир Мартиновски, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, доц. д-р Бобан Карапејовски и м-р Иван Антоновски.
„Култниот роман на Јован Павловски „Сок од простата“, веднаш по појавувањето во 1990 година, ги разбранува литературните и културните води во Македонија. Во една од првите реакции на изданието, Миодраг Друговац за „Сок од простата“ напиша дека тоа е „едно од најоригиналните дела на македонската и југословенската литература, скапоцен алем-камен во мозаикот на нејзините вредности. Тоа е еротичко дело што фасцинира!“ Петар Т. Бошковски подвлекува дека „романот [„Сок од простата“] на рамниште на модерен жанр, на главна врата ја внесува еротиката во современата македонска литература, ја внесува со достоинство на комплетно остварување, кое ја има енергијата на неодоливата уметничка мотивираност и инспирација, и кое носи печат на авторска оригиналност“ Впрочем, на одобрувањето на критиката ѝ се придружија и читателите: „Сок од простата„ беше најчитана книга во времето на нејзиното објавување, беше прогласена за најчитана книга во Србија, а до денес има седум изданија на македонски јазик, како и редица преводи на други јазици. Реномираната „Хрватска енциклопедија“ на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб, „Сок од простата“ го определува како првиот македонски еротски постмодернистички роман: „Јован Павловски е тематски преокупиран со личното и колективното (национално) постоење, идентитетот и ентитетот во минатото, сегашноста и иднината, односот на животот и смртта, сексуалноста и еросот. Неговата контемплативна и самореференциска поезија се карактеризира со тематска иновација и организирани збирки. Во романите, тој е склон кон документарност, натуралистички описи, цитати и ликови на несубверзивни губитници. „Сок од простата“ е првиот македонски постмодернистички еротски роман“, стои во најавата за промоцијата.
Јован Павловски речиси шеесет години е присутен во македонската култура како писател, енциклопедист и публицист. Автор е на над 40 книги (поезија и проза), над дваесет публицистички трудови. Особено е значаен неговиот придонес во македонската енциклопедистика. Тој е уредник и издавач на првата македонска општа енциклопедија.
Јован Павловски е во три мандата претседател на Друштвото на Писателите на Македонија, а добитник е на високи литературни и државни награди.