Рекордни 164 стрипови од автори од сите континенти се пријавија на единаесеттиот по ред Меѓународен салон за стрип „Велес 2013“. Дел од нив ќе бидат изложени од 18 до 20 октомври во Велес. Според Стрип центарот на Македонија, големата бројка се должи пред се на засилената интернационална соработка.
Наградата „Златен стрип“ годинава му е доделена на Даниел Атанасов од Бугарија. Награда за млади категории се доделува на Лазе Слабев од Велес за стрипот „Сите мои животни“. Бојана Милчевска од Велес се закити со награда за стрипот „Мудрецот што не ја разбира жената“ во категоријата најдобар автор до 18 години. Награда за дебитантски стрип се доделува на Јoвана Велинова од Штип, за стрипот„Requeim for redemption“. Наградени се автори и надвор од Македонија.
„Многу радува податокот за откривање на нови стрип имиња од македонската стрип сцена коишто заслужуваат поголема афирмација и внимание“ – велат од стрип центарот. Оттаму нагласуваат дека при изборот на наградените, жирито го имало предвид исклучиво квалитетот на поднесените дела, ослободен од секакви клучеви по географски или друг основ.
Извор: Плусинфо