Во паркот зад зградата „Флет ајрон“ на улицата „Есенинова“ во Кисела Вода, во четврток ќе се засадат 100 платани и јавори заедно со ЈП Паркови и зеленило, а во акцијата ќе учествуваат околните жители, активистите за животна средина и други претставници на невладини организации за заштита на природата.
Активноста е дел од регионалната акција „Дрво на пријателството“ што ја спроведува Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ) во соработка со „Мој Воздух“ во Македонија и други локални партнери во сите земји од регионот на Западен Балкан.
„Со оваа акција која се повторува веќе трета година, ние активистите од AirCare/Мој Воздух како локален партнер на акцијата сакаме да покажеме колку е важно да го зачувуваме и зголемуваме зеленилото во Скопје и во регионот. Наместо да размислуваме каде повеќе да бетонираме за да може да паркираме повеќе автомобили, треба да се фокусираме на креирање многу зелени површини кои имаат огромен бенефит за нашиот заробен град. Со повеќе зеленило, имаме повеќе чист воздух, помала температура во лето, поголем биодиверзитет и поубава средина за живот за сите. Секој треба да учествува во вакви акции, бидејќи градот припаѓа на сите!“, вели Горјан Јовановски, основач на апликацијата „Мој Воздух“.
Истовремено, ќе бидат засадени вкупно 800 дрвја во повеќе градови во регионот, вклучително и во Скопје. Претходните две години пак, беа садени дрвја во Општина Гази Баба и Општина Аеродром.
Организаторите посочуваат велат дека целта на акцијата е да се покаже дека со преземање на индивидуална одговорност и алармирање на јавноста за сериозноста на проблемот со загадувањето на воздухот, можно е да се направи разлика на локално и регионално ниво.