Министерството за образование и наука (МОН) денеска соопшти дека е поставен камен темелник за изградба на инфраструктурниот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Универзитетот беше основан пред 6 години, во декември 2015 година. Првата генерација студенти се запиша во 2016 година, а наставата се одвива во дел од зградата на ССМ и дел од училиштето „Битолски Конгрес“.
„Отпочнувањето на капиталната инвестиција со која Универзитетот ‘Мајка Тереза’ конечно ќе добие свој кампус е резултат на заложбата на сите вработени и на поранешното и сегашното раководство на високообразовната установа, на многу албански интелектуалци, на политички чинители и особено на партијата која јас ја претставувам. Со заеднички напори се донесе институционална одлука, односно Владата уште во текот на месец април додели локација во кругот на поранешната касарна ‘Илинден’ каде дел од постојните објекти ќе се адаптираат за потребите на наставно – научниот кадар и за студентите од овој универзитет“, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Шаќири вели дека за 6 години откако универзитетот е основан и започнал со работа постигнати се многу поставени цели кои биле дел од визијата и мисијата на високообразовната установа, која, како што додава, веќе се етаблира како препознатлив субјект кој создава добро подготвени кадри за успешно вклучување во општеството.
„Радува и фактот што се’ повеќе тука се образуваат и студенти од регионот, така што тоа е уште една потврда дека квалитетот на знаењето и на образовните услуги кои ги нуди се препознаени и пошироко од границите на Северна Македонија“, рече тој.
Радио МОФ претходната година пишуваше дека нема ништо на видик од изградбата на грандиозната зграда за установата и по неколку години од основањето на универзитетот.
И пет години од основањето, нема зграда за Универзитетот „Мајка Тереза“