Скратените средства им ги врзуваат рацете на лекарите да спречат раст на ХИВ случаи во земјава

Бројот на лица со дијагностицирана ХИВ инфекција во 2021 година бил два пати поголем отколку бројот на случаи во 2020 година, покажува извештајот за состојбата со ХИВ од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија. Во 2021, годината кога бројот на случаи од 2020 година од 29 се искачи на 42, Министерството за здравство скрати 40 отсто од средствата предвидени за превенција на ХИВ во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година.

Според директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, разликата меѓу бројот на ново дијагностицирани во последните две години не значи раст туку враќање на годишниот просек од 50 нови случаи.

„Во 2020 година бројот на регистрирани случаи беше помал, поради епидемијата со КОВИД-19, кога и очекувавме бројката на ново дијагностицирани случаи да е помала, поради фактот дека помалку ХИВ тестови биле направени. Така што не би можеле да зборуваме за раст на ново дијагностицираните случаи, туку напротив ‘враќање’ кон годишниот просек“, забележува Стевановиќ.

И покрај активната епидемиолошка ситуација со корона вирусот, Стевановиќ објаснува дека ХИВ амбулантата во склоп на Клиниката за инфективни болести работела цело време нудејќи ги своите капацитети за пациентите позитивни на ХИВ вирусот.

Одржувајќи го просекот на исто рамниште со години наназад, директорката смета дека Македонија има ниска преваленција на ХИВ, што прави во регионот да биде препознаена како успешна приказна. Сепак, според неа загрижувачка е ситуацијата со кратењето на средствата наменети за Програмата за заштита на населението од ХИВ.

„Кратењето значи помалку ХИВ тестирања и советувања (што е многу важно) за ХИВ кај клучните популации. Тоа се тестирања и советувања, кои се прават на терен, а тоа е многу важно бидејќи услугите се даваат на терен и најбитно, секое ново откриено лице со ХИВ е откриено во рана фаза на болеста, што за нас, како инфектолози е најбитно. Навремена дијагностика, значи навремен третман и очекуван просечен животен век како и ХИВ негативните лица“, посочува директорката.

Таа алармира дека сè уште има случаеви кои се откриваат во доцна фаза од болеста што доведува до потреба од хоспитално лекување и интензивна нега.

Фото: Протестот на платформата за ХИВ против одлуката на Министерството да ги скрати средствата од Програмата за заштита и превенција од ХИВ / Радио МОФ

„Превенцијата е најважен сегмент, ако потфрлиме тука, сме потфрлиле секаде. Најмногу страдаат пациентите и нивните партнери и семејства. Апсолутно неприфатливо е за инфекција која знаеме како се открива и се лечи, да ја откриеме кога е доцна и кога едноставно ‘ни се врзани рацете’ во грижата и лекувањето за пациентите“, поентира Стевановиќ.

Лицата, како што вели инфектологот, не се свесни за својот ХИВ позитивен статус и на тој начин инфекцијата ненамерно се шири, со што се зголемува бројот на пациенти.

„На жалост лицата со ХИВ и ден денес се соочуваат со пречки при добивањето на здравствена услуга и се одбиени од здравствена услуга само поради фактот дека се ХИВ позитивни“, децидна е Стевановиќ.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести се третираат 359 пациенти, од кои, како што информира директорката, 99% се недетектибилни за ХИВ, што значи дека инфекцијата е под контрола и не може да го пренесат ХИВ.

„Затоа ги охрабрувам сите лица кои имале незаштитен сексуален однос да се тестираат со ХИВ, колегите лекари од примарното здравство, да ги поттикнат своите пациенти да се тестираат, да практикуваат безбеден сексуален однос, но и да помислат на ХИВ, кога имаат пациент со клиничка слика која оди во прилог на инфекција со ХИВ“, апелира Стевановиќ.

Здруженијата и организациите од 12 градови кои нудат услуги за советување и тестирање за ХИВ се финансираат од средствата што ги предвидува Програмата за заштита и превенција од ХИВ. Овие здруженија, заедно со лекари и специјалисти во областа на инфекцијата реагираа со протести против одлуката на Министерството за здравство да го намали буџетот на програмата за 40 отсто. Активистите реагираа и претходниве денови, кога излегоа со став дека здравствената заштита за превенција каде е вклучена и Програмата за превенција од ХИВ со новиот буџет за 2023 година ќе се намали за една третина во споредба со изминативе две години.

[Видео] „Болни луѓе = болна држава“ – протест против кратењето на буџетот за заштита од ХИВ

Ангела Бошкоска