Замислете дека некој ден ќе имаме генерации каде луѓето ќе можат да скокаат преку sидови високи 3 метра или да истрчаат стометарски спринт под осум секунди. Замислете дека ќе има луѓе кои можат да виткаат челични цевки со своите раце или можат да удрат преку sид со само еден удар на раката. Замислете свет каде луѓето можат брзо да процесираат ситуации со брзо изнаодливи решенија, надминувајќи го обичниот човечки капацитет со кој моментално располагаме. Ова е потенцијален свет за кој веруваме дека ако не се оствари за 30 години, тогаш би бил реалност за 100 или повеќе години, и како и секој друг свет за кој фантазираме за негова реализација така и за овој влегуваме со оптимизам. Но, како и се друго, тоа клучно „но“ секогаш се појавува на крајот на тунелот. Во последниот текст пишував за трансхуманизмот и нашето унапредување преку интегрирање на машинската технологија. Со овој текст сакам да се занимавам повеќе со проблематиката на нашата можна иднина.
Не можеме да го игнорираме прогресот кој е направен во последните неколку години на полето на производството на вештачки раце и нозе. Вештачката протетика видливо се подобрува како што веќе наведов, со новите модели на херојските раце на Open Bionics, овозможувајќи им на инвалидите кои изгубиле рака враќање во нормалниот живот, извршувајќи основни функции со вештачкиот екстремитет како да им е природен дел. Потенцијалниот проблем со ова е од друга природа – неможноста да се направи спој на протетиката со телото на нервно ниво. Рацете на Open Bionics се’ уште не можат да бидат споени со телото на корисникот како што е тоа случајот со вистинска рака. Протетиката може да одговара на команди на корисникот само преку нервниот завршеток кој завршува на здравото ткиво, но недостасува вистинскиот биомеханички спој на природното со вештачкото (метален нерв и природен нерв). Затоа се’ уште не сме стигнати до оној „кул“ момент каде корисникот може да стиска тупаници, да дига товар, да дофрла топки, да се држи за вратило со својата тежина а да не му отпадне вештачката рака. Нормално, има медицински и научни институции кои работат на овој проблем, па може да очекуваме прогрес каде навистина ќе имаме вештачки раце кои навистина би биле споени со нашиот нервен систем. Но, во тој случај се појавува друг проблем – дали вештачката рака добро би ги вршела фукнциите на природната рака на исто ниво? Ова повеќе доаѓа како проблем при склопување на компјутер за пример. Имаме компјутер кој ги извршува своите задачи, но сакаме нешто да смениме кај него. Можеби сакаме подобра графичка картичка или подобар процесор, но кога ќе го набавиме делот кој го сакаме и го замениме стариот со новиот дел, тогаш ќе приметиме дека компјутерот нема да се вклучи, или ќе се вклучи но би зјаеле во црн екран додека го слушаме звукот на компјутерот каде стигнуваме до инфамозната ситуација на PC bottleneck – новата компонента да ни прави повеќе штета од старата. Овде има поголем ризик каде според последни истражувања евентуална вештачка рака која би заменила вистинска рака по функционалност не би можела да ја надмине истата по вршење функции, односно ние со вештачка рака би кревале предмети со ист интензитет како и кај природна рака. Значи, ако имате здрава рака и сакате да ја замените со вештачка, тогаш ситуацијата не е многу променета, само што имате прикачено сјаен хром. Овој проблем е надополнет и со отфрлањето на телото на евентуално вметната механичка компонента, па така го имаме и факторот од зголемен ризик по нашето здравје и живот.
Но тогаш зошто воопшто би се правела замена? Ова прашање не е наменето за лица со инвалидитет, туку за здравите лица. Одговорот е во модниот став. Во ред, ова е премногу необичен одговор и во право сте. Затоа не е лошо да искористам пример од фиктивен универзум за да направам надоврзување со нашиот свет. Во универзумот на Cyberpunk 2013 и 2020, друштвена игра на улоги создадена од Мајк Пондсмит нашиот свет е во некаков вид на алтернативна иднина каде многу историски настани се одвиваат поинаку. Во тој свет добар дел на населението во Најт Сити на територијата на NUSA (скратеница за Новите Соединети Американски Држави) има по некој имплант на своето тело. Вратот на богат бизнисмен го краси метално-тиркизна облога, локален гангстер може да се пофали дека заменил постар пар на очи со најновиот модел на Кироши очна оптика, позната пејачка и манекенка може да стави повеќе хром на нејзината кожа правејќи ја да биде најголемата sвезда која сјае, сиромашен градежник ја открива својата постара и излитена механичка рака под неговата кичаста јакна. Металните импланти стануваат дел од секојдневието на жителите на Најт Сити и се редовна појава исто како и мачките во Истанбул. Дали имплантите во тој универзум се функционални и посупериорни во однос на природното? Да. Дали ставањето на импланти е неопходност? И да и не, со оглед на тоа што во Cyberpunk универзумот има место и за неаугментирани луѓе. Дали ставањето импланти во повеќе случаи е еден вид на модна изјава? Да. Секое општество ги следи своите трендови, па така ништо не е поинаку и во Најт Сити. Секој граѓанин носи имплант бидејќи имплантот е како корисен алат, но повеќе е за естетика. Не е важно што правиш се додека тоа е кул. Потребата од надградба е водена помалку од практичност, а повеќе за наша опседнатост со убавина. И како што еден приметува дека друг има поубав и понов модел на раце или очи, така се јавува потребата кај првиот да влезе во трка за да си обезбеди понови и поубави модели на другиот. Додека ова е пример на претераност во фиктивниот универзум на Мајк Пондсмит, вакво нешто може да најдеме и кај нас. Само заменете ја потребата за метализација од Cyberpunk со пластификација кај нас, поточно зголемениот интерес за естетско-корективни операции што е веќе вообичаена и неконтроверзна појава. Или, ако не одиме по примерот на интеграција на импланти и корекции, можеби подобар пример ни е случајот со мобилните телефони. Мобилните телефони не мора да ги внесеме во нашиот телесн систем, иако има доста научно фантастични содржини каде тоа е спротивното, но мобилните телефони се необичен, па сепак логичен пример. Секој од нас има мобилен телефон, секој телефон ја има својата основна функција на јавување и примање повици, праќање и примање на пораки, но не сите мобилни телефони се исти. Оној кој има постар модел на телефон сигурно ќе има потреба да се поднови со нешто поново од тоа што го има, каде може корисниците да ги ставиме во два табора – оние кои се свесни за сите предности кои ги има телефонот со свои апликации и го користат во речиси полн капацитет и оние кои сакаат нов модел на телефон бидејќи го сакаат неговиот изглед и по некои подобрени основни квалитети, како подобар екран на пример.
Нормално и во Cyberpunk универзумот не е исклучен сударот на природното со вештачкото. Со секој нов механички дел носителот се повеќе влегува во опсесија за да стигне до нова надоградба, нешто како опсесија за ставање нова тетоважа – ако една добро ти стои, зошто да не ставиш и друга? После втората, зошто не и трета? Овој низ доведува до тоа корисникот на надоградби да биде подложен на зголемен стрес поради неможноста да користи голем број на импланти, како и стрес кој се таложи од надворешните фактори во животот во Најт Сити. Поради тоа корисникот влегува во ризик да развие киберпсихоза, ментална состојба каде може да си наштети себеси и да ги доведе во животен ризик сите лица кои се околу него/неа.
Секоја нова технологија има свој „меден месец“ за која потоа следува критичко соочување со соодветната доза на песимизам и страв. Така неминовно е и ние да се соочиме со технологијата на човечки надоградувања бидејќи немаме лесни одговори. Така и трансхуманизмот се соочува со своите критички делови, а каков е ставот на секој од нас, тоа може да варира од време на време. И како што добиваме нови модели и прототипови на подобри и поефикасни модели, повеќе ќе се фокусираме на нашето филозофско и духовно разбирање за себеси – дали го сакаме ова? Што добиваме, а што губиме? Дали со секој додаден или изменет дел се менуваме само физички или има нешто повеќе? Дали ти си навистина ти?
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.