Бидејќи денеска како една од точките на дневен ред на седницата на Уставниот суд ќе гласа за поништување на недела како неработен ден, од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелираат до уставните судии оваа иницијатива на работодавачите да биде одбиена.
Од ССМ напоменуваат дека Уставниот суд треба да го поддржи договореното помеѓу социјалните партнери – недела да биде неработен ден за најголем број на работници, освен за дејностите за кои беше усогласено да функционираат како исклучоци поради континуираното одвивање на производствените процеси.
„Уставниот суд е должен да ја темели својата одлука на националните закони и меѓународните трудови стандарди кои се дел од националното законодавство , како и да води грижа за рамноправна положба на работниците и граѓаните во државата без дискриминација и со целосно почитување на човековите права. Потсетуваме дека и рефератот на овој предмет беше да не се поведе постапка, што значи Законот за измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кој се уреди правото недела да биде неработен ден да остане во правниот поредок и недела да остане неработен ден, а очекуваме ваквиот реферат, овој пат да биде поддржан едногласно од сите уставни судии имајќи во предвид дека претходниот пат одлуката не беше донесена поради потребниот кворум, но 4 уставни судии го поддржаа рефератот.
Од ССМ велат дека биле иницијатор и наголем поддржувач на законските измени и дека работниците веќе ги чувствуваат придобивките од ова право.
„Положбата на работниците се уредува по пат на социјален дијалог на сите чинители во општеството , со закони и колективни договори кои имаат за цел континуирано унапредување на работничките права . Во никој случај правата од работен однос во демократските држави не смее и не може да се креираат само врз основа на вољата и барањата на оние работодавачи кои се мотивирани само од својата желба за поголем профит , без притоа да се води грижа за остварување на работничките и човековите права. Поради сето ова го повикуваме Уставниот суд да не ја прифати иницијативата на Стопанската комора како спротивна на Уставот и да ги остави на сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници и на тој начин да придонесе за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните во државата“, потенцираат од ССМ.
Со измените на Законот за работни односи од почетокот на 2022 година недела стана неработен ден за најголем број од работниците во Северна Македонија. Во јуни овој закон повторно претрпе измени, со кои се овозможи работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места.