Пишува анонимен автор, кој се идентификува како трансродово лице. Ставот првично е објавен на веб-страната на „Коалиција Маргини“.
Скоро се вратив од странство каде запознав извонредни луѓе од различни позадини, бев на интересни мести за дружба и за првпат почувствував лична и општа слобода во мојот живот. Деновите ми беа исполнети со авантури како во филмовите. Насмеан бев толку често што мојот лев образ ме болеше со месеци. Кога се вратив, секако, седнав на кафе со моите најблиски пријатели, на кои им раскажував за моите омилени случувања и ситуации.
Одењето во продавница, во бензинска, на работа, во банка, на доктор беа нормални. Пешачењето во доцните часови, изразувањето на мислите, облекувањето на алишта што ми се допаѓаат и стилизирањето на мојата фризура по мој вкус ми станаа нормално секојдневие. Разговарав со непознати луѓе без да пазам на секој збор додека зборувам. Постоев без да бидам нарекуван со погрдни зборови, да бидам исмеван и дискриминиран, без ризик дека ќе бидам претепан на улица и да ми се одбиени основите услуги. Осум месеци од мојот живот долг 22 години можев да бидам човек.
Некои од вас можеби мислат дека нема ништо страшно во извршувањето на секојдневните обврски што сите ние ги имаме. Но, јас кој сум роден како интерсекс личност и кој долго се идентификува како трансродов, од општеството најчесто сум сметан за необичен.
Моите документи не се согласуваат со мојот изглед, поради што честопати дома не сум бил во можност да заминам до банка без да ризикувам дека нешто може да ми се случи. Никогаш не знам каков човек стои до мене. Сум одел на лекар како обичен човек кому му треба, на пример, алерго текст, за да си заминам од чекалната злонамерно нарекуван и исмеван дека сум „девојче“ проследнено со чудни и заканувачки погледи, осудувачки прашања и понижување од останатите пациенти што седеле до мене.
Формалното образование и вработувањето ми се исто така полни со препреки. Огромна привилегија е да сум дипломиран, да сум дел од академската заедница и да имам работа. Сепак, на истите тие места сум бил ставен во вознемирувачки ситуации од страна на надредените, кои ме допирале на непристоен начин и ме прашувале „што имам помеѓу нозете“, и тоа пред различни клиенти. Споделувале мои лични информации на глас за секој да може да слушне, по што сите околу мене станувале потенцијално ризични личности, и во мојата глава заземале идентитет на прото-предатори и убијци.
Оваа приказна е честа, поради што и можеби веќе имате прочитано нешто слично. Иако е реалноста таа, реакциите од повеќемина не се променуваат. Најчесто луѓето се противат на постоењето на трансродовите луѓе, велејќи дека тие бараат посебни права. Нема ништо посебно во тоа да сакаш да го оствариш своето право на работен однос без ризик, да стурираш без ризик, да се искажуваш и јавно да зборуваш за тоа на улица без ризик – да постоиш без ризик. Посебно право не е да сакаш да си полноправен граѓан, да си човек.
Секакви причини и мислења ги тераат луѓето нашето постоење да го гледаат негативно, да бараат од одредени институции и личности да ни ги загрозат основните права и да не овозможат ефикасно функционирање на механизмите за заштита на нашите основни човекови права. Со години ова општо мислење на народот може и да не се промени, па затоа мојата цел не е да предомислам некого, туку да дадам до знаење нешто повеќе за мене како автор на овој текст.
Како иден студент би сакал да студирам политика, меѓународни односи или социологија. Работам со права на животни, поттикнат од мојата љубов кон мачките (кои сум ги имал 63 на број досега). Ја сакам природата, пешачам низ шуми и берам сѐ што расте околу нас. Сакам да играм видео игри и да читам секакви книги. Покрај сите препреки на патот, се сметам за успешен и среќен човек и некогаш си помислувам дека моите успеси не се мои, туку се за останатите коишто ќе ме погледнат и ќе знаат дека и од нивната ситуација, колку и да е таа нерешлива, постои пат за излез.
Имам среќа што имам постигнато повеќе цели, но јас сум дел од многу мал процент. За да останам на безбедно и да останам жив ми помогнаа мајка ми, моите пријатели и организациите што секојдневно се борат за да бидам виден како обичен човек. Ги поттикнувам читателите да го прочитаат моето кратко претставување без да го гледаат мојот родов идентитет и да ме замислат како секоја друга личност. Да види дека сум најобичен, просечен човек којшто не е ништо посебно, ниту има желба за некакво истакнување. Фактот дека сум жив сам по себе е чудо. Мојот живот, како и сите други, е драгоцен и продолжува понатаму.
Нема да престанам да се борам за тие како мене сѐ дури еден ден не влеземе во маркет во два часот наутро по грицки и сок, спремни за викенд и додека понеделнички не станеме за да одиме на работа и да си прикажеме за забавните случувања, исполнети со убави сеќавања и испразнети од постојан страв.