Вечерва, (2 декември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе се одржи разговор со писателката Ана Стојаноска, авторка на романот „Лебед“, книга за месец декември во библиотека.
Разговорот ќе го води критичарката и новинарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Никола Настески.
„`Лебед` е и љубовен роман и роман за креацијата. Авторката ја слика љубовта како носечка оска и на животот и на уметноста: таа ги покажува „сите лица на љубовта“: хетеросексуалната и хомосексуалната љубов, родителската безусловна љубов, пријателската љубов и љубовта кон музиката, балетот и воопшто кон одреден уметнички израз кој бара љубов, посветеност и пожртвуваност (впрочем, како и секоја љубов). Особено значајно е проникнувањето на љубовта и креацијата, како предуслов за успех на уметнички план, освен вродениот талент – подвлекува Лидија Капушевска Дракулевска.
Ана Стојаноска (1977, Прилеп) е театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ (2001 – 2011). Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија. Автор е на деведесет студии објавени во македонската и странската периодика. Коавтор е на неколку монографии. Пишува проза, поезија и драмски текстови. Стојаноска е актуелна претседателка Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Настанот е дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“, а на крајот на месецот романот „Лебед“ ќе биде тема на Клубот на читатели.