На Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вчера се отвори лабораторијата за дигитална фабрикација и производство – ФабЛаб СКОПЈЕ, каде младите ќе имаат можност да учат, соработуваат и да ги произведуваат своите идеи.
ФабЛаб СКОПЈЕ е опремена со машини, алати и материјали за дигитална фабрикација и ги содржи сите инструменти за брзо концептуализирање, дигитално дизајнирање, изработка на физички модели и склопување. Лабораторијата нуди пристап до современа технологија за реализација на своите идеи во прототипови и финални производи. Една од главните понуди ќе бидат и професионални обуки и стручни работилници спроведени од наставниот кадар на Машинскиот факултет, како и надворешни експерти од специјализирани области.
„Целта на ФабЛаб СКОПЈЕ е да стане место каде младите ќе се стекнат со теоретско знаење и практични вештини за да ги претворат своите идеи во нови производи, овозможувајќи им пристап до потребната технологија. Лабораторијата е замислена како простор каде младите ќе можат да ја изразат својата креативност и да создаваат иновативни решенија на постојните проблеми, поттикнати од стручен тим со долгогодишно искуство во областите на производството. Исто така, ќе основа мрежа помеѓу младите луѓе со афинитети кон технологијата, индустриските претпријатија и научните установи, при што индиректно ќе има позитивен ефект врз вработувањето на младите, и ќе овозможи пристап до нови вештини и знаења на луѓето кои сакаат да ја сменат својата кариера или да ги надоградат своите капацитети“, велат од Машинскиот факултет.
Корисниците на ФабЛаб СКОПЈЕ имаат пристап до современите и напредните машини во лабораторијата со цел да ги реализираат своите идеи: FFF и SLA 3D печатачи, машина за ласерско сечење и гравирање на плочести и ротациони парчиња, CNC машина за глодање на призматични и ротациони парчиња и CNC машина за прецизна обработка на мали делови. Лабораторијата исто така овозможува пристап и до микроконтролери, мехатроничка опрема и инструменти, како и до дел за инженерски материјали и спојување. Дополнително, во склоп на лабораторијата има просторија за одржување на обуки и за работа во тимови.
„ФабЛаб СКОПЈЕ ќе нуди професионални обуки и работилници на основно и на напредно ниво, реализирани од предавачи со долгогодишно искуство во соодветната област. Стручни работилници наменети за обучување на принципот на производните технологии и практична работа на машините ќе се нудат за 3Д печатење, за ласерско сечење, и за работа со CNC глодалки/стругови, при што учесниците ќе го изучат целиот тек на обработка почнувајќи од компјутерски дизајн на моделот па до практична изработка на продуктот. Се нудат обуки за работа со мехатронички системи и програмирање на Arduino развојни плочи, за работа со инженерски материјали и спојување, и за машинско учење со примена во производни технологии и роботика, како и курсеви за 3D CAD моделирање, CAE моделирање, и CAM курсеви за програмирање на CNC машина“, додаваат од Факултетот.
Оттаму додаваат дека ФабЛаб СКОПЈЕ ќе има голем ефект врз младата популација, нудејќи им пристап до опрема и обука што ги поттикнува иновациите и место каде што можат да ја изразат својата креативност и да започнат да размислуваат претприемачки. Од Факултетот велат дека добредојдени се лица од сите возрасти и занимања – средношколци, студенти, дипломирани млади лица, професионалци-поединци, компании, дизајнери, креативци…
Во ФабЛаб СКОПЈЕ е овозможена физичка пристапност за лица со попреченост во движењето, како и за лица со попреченост во слухот. Планирани се и посебни активности со кои ќе се промовираат техничките науки (STEM) и производните технологии кај женската популација, како и кај младите од основни и средни училишта.
ФабЛаб СКОПЈЕ е воспоставена од страна на Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО) кој е основан од Машински факултет – Скопје (МФС), преку финансиска поддршка од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во рамките на повикот “Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”.
Повеќе детали во иднина ќе може да најдете на нивните социјалните медиуми, а за повеќе информации и закажување на посета можете да ги контактирате на fablab@mf.edu.mk.