Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), најстаратата медиумска организација во земјава доби старо-нов претседател. Младен Чадиковски денеска беше реизбран на чело на ЗНМ во првиот круг на гласањето со освоени 275 гласа, наспроти противкандидатот Марјан Николовски со 119 гласа, и Фиљана Кока која ја поддржаа 53 делегати.
Чадиковски по изборот изрази задоволство што денеска новинарите се обединија.
„Денеска направивме собир, најголем во историјата на македонското новинарство каде повеќе од 450 новинари, сниматели и новинарски работници дојдоа на фер и демократски начин да си го искажат своето мислење за тоа каде треба да се движи македонското новинарство“, посочи Чадиковски.
Тој нагласи дека сите што учествуваа во Собранието на ЗНМ, противкандидатите и органите на Здружението во иднина ќе продолжат да работат на принципите на професионалност, на правда и етика во новинарството.
„Намерата е да го засилиме и зголемиме потенцијалот на македонските новинари, сниматели и сите медиумски работници, за да можеме најверно да им служиме на оние за коишто постоиме, на граѓаните“, нагласи Чадиковски.
Според него, само со фокус на граѓаните и нивните проблеми ќе се влијае да се подобрат состојбите во општеството.
„Во наредниот период продолжуваме да работиме посилно, подобро. Сите идеи од медиумските работници се добредојдени, ЗНМ е отворено за сите и ќе остане така и понатаму“, потенцираше реизбраниот претседател.
Покрај за претседател, членовите на Здружението гласаа денеска на Собранието гласаа и за Управен и Надзорен одбор, како и за нов состав на Советот на честа.
Инаку, ЗНМ е основано во 1946 година и е член на Меѓународната федерација на новинарите. ЗНМ е независно, самостојно, невладино и непартиско здружение, чија цел е да биде промотор и заштитник на професионалните стандарди и на слободата на изразување. Во склоп на ЗНМ лани беше формирана и Секција на млади новинари, со цел да се афирмира новинарството како атрактивна професија.