Железници на РСМ-Транспорт го подготви новиот возен ред за 2023 година, кој стапува на сила на 11 декември годинава. Експресниот воз за Белград нема да сообраќа и наредната година, додека за пуштање во сообраќај на најавениот воз од Скопје за Солун и Истанбул се чека на согласноста на Грчките железници, објави агенцијата Мета.мк.
„Со новиот возен ред не е предвиден сообраќај на меѓународниот патнички воз Белград – Скопје – Солун и обратно, поради тоа што не се отстранети причините поради кои е во прекин сообраќајот, а тоа е реконструкцијата на пругата помеѓу Ниш и Брестовац“, информираат за Мета.мк од Железници на РСМ-Транспорт.
Со отпочнувањето на градежните работи на железничката линија меѓу Ниш и Прешево, пред околу две години беше укинат и експресниот воз што ги поврзуваше Скопје и Белград.
Сепак, од Железници на РСМ-Транспорт оставаат можност за воведување на нов експресен воз од Скопје кон Солун и Истанбул, доколку се постигне договор меѓу трите национални железнички компании низ кои ќе минува возот. Директорот на Железници на РСМ-Транспорт есенва беше во Турција, на која меѓу другото, се разговарало и за ова прашање.
„Во преговорите што се водеа помеѓу генералните директори на ЖРСМ Транспорт АД Скопје и Турски државни железници беше постигната начелна согласност за проектот за превоз на патници помеѓу Скопје, Солун и Истанбул. Но, сè уште се чека на согласност од страна на Грчки железници“, велат од Железници на РСМ-Транспорт.
Сепак, од најавите дека би можело со новиот возен ред да се воведат прекугранични патнички возови меѓу Битола и Лерин во Грција засега нема ништо. Грција треба да ја реконструира пругата од Лерин до грчко-македонската граница за да може евентуално да се разговара за пуштање во сообраќај на возови меѓу двата града. Инаку, од македонска страна има по три пара возови на релацијата Скопје-Битола-Скопје, а од грчка страна има по два пара возови дневно меѓу Лерин и Солун, при што ваквата ситуација остава простор за идна соработка за поврзување на Битола и Лерин со прекугранични возови.
Инаку, во новиот возен ред што стапува на сила на 11 декември нема да има промени во сообраќајот на патничките возови, додаваат од Железници на РСМ-Транспорт. Во сообраќај ќе има по два пара возови меѓу Скопје и Гевгелија, три пара возови меѓу Скопје и Битола, четири пара возови меѓу Скопје и Куманово и девет пара возови меѓу Скопје и Велес.
Од железничкото претпријатие појаснуваат дека и со новиот возен ред времено нема да сообраќаат предвидените возови на релациите од Скопје кон Приштина, Кочани и Кичево, кои во нормални услови треба да сообраќаат по еднаш дневно кон секоја дестинација.
„Истите ќе продолжат да сообраќаат по обезбедување на материјално – технички средства за нивна реализација“, информираат од Железници на РСМ-Транспорт.
Расте бројот на патници, цените на билетите не претрпеа корекции
И покрај тоа што веќе една и пол година не сообраќаат патничките возови кон Приштина, Кочани и Кичево, а не го нема и експресниот воз кон Белград и Солун, патничкиот железнички превоз бележи зголемен број на патници во изминативе месеци. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во периодот од јуни до септември 2022 година со воз патувале 108.000 патници, додека истиот квартал лани возот како превозно средство го користеле 66.000 патници.
Од јануари до септември годинава во земјава со воз патувале околу 274.000 патници, што е повеќе од вкупниот број на патници превезени во 2021 година. Инаку, поради недостиг на исправни возови во возниот парк, вообичаено не сообраќаат по три воза дневно планирани во актуелниот возен ред, што пак не го намалува растечкиот интерес за патување со воз кај граѓаните.
Во услови на сеопшт пораст на цените на сите производи и услуги во земјава, Железници на РСМ-Транспорт засега не ја зголеми цената на возните билети, кои повеќе од една деценија не се корегирани. Па така, повратен билет со воз од Скопје до Куманово чини 140 денари, што е помалку од автобуска карта во еден правец. Исто е и меѓу Скопје и Велес, на која релација со воз во двата правци се патува за 180 денари, а со автобус во еден правец билетот чини 200 денари. Повеќе од двојно поевтини се железничките билети и кон другите релации во земјава, каде што има можност да се избира меѓу воз и автобус.
И покрај зголемениот број на патници во 2022 година, гледано од историска перспектива, користењето на најеколошкото средство за масовен превоз на патници бележи тренд на опаѓање на бројот на патници, но и на вкупниот број на возови кои сообраќаат. Во периодот пред 2015 година, со воз на годишно ниво во земјава патувале и над милион патници, додека во периодот на Југославија железницата бележела и по над 6 милиони превезени патници со тогашните возови.4