По неколкумесечните протести во кои беа убиени повеќе од 300 луѓе, Иран одлучи да попушти и да ја укине моралната полиција. „Моралната полиција нема никаква врска со правосудството” и затоа е укината, изјави главниот ирански обвинител Џафар Монтазери, пренесе АФП.
Покрај тоа, Иран соопшти дека ќе го ревидира децениски стариот закон со кој се бара од жените да ги покриваат главите, додека се борат да ги смират повеќе од двомесечните протести поради строгиот кодекс на облекување. Протести го зафатија Иран по смртта на Махша Амини на 16 септември во притвор, 22-годишна Иранка со курдско потекло, која беше уапсена од полицијата за морал поради наводно кршење на шеријатскиот закон.
Демонстрантите ги палеа покривките за глава и извикуваа антивладини слогани. Од смртта на Амини, сè поголем број жени не носат хиџаб, особено во модерниот северен дел на Техеран. „И парламентот и правосудството работат (на прашањето)“ дали законот треба да биде изменет, изјави вчера иранскиот државен обвинител Мохамад Џафар Монтазери.
Според новинската агенција ИСНА, тој не прецизирал што може да се смени во законот со одлуката на тие две тела, кои се во мнозински раце на конзервативците. Тимот за ревизија се состана со парламентарната комисија за култура во средата „и резултатите се очекуваат за една или две недели“, рече јавниот обвинител.
Претседателот Ебрахим Раиси вчера изјави дека темелите на иранската република и исламот се запишани во уставот. „Но, постојат методи за спроведување на уставот кои можат да бидат флексибилни“, рече тој во телевизиско обраќање.
Хиџабот стана задолжителен за сите жени во Иран во април 1983 година, четири години по Исламската револуција со која е соборена монархијата поддржана од САД. Тоа останува многу чувствително прашање во земјата каде што конзервативците инсистираат на тоа дека хиџабот треба да биде задолжителен, додека реформистите сакаат да го остават на индивидуален избор.
Откако хиџабот стана задолжителен со закон, со промената на стандардите за облекување, стана вообичаено да се гледаат жени во тесни фармерки и широки, шарени шамии. Но, во јули оваа година Раиси, ултраконзервативец, повика на мобилизација на „сите државни институции за спроведување на законот за носење шамии“.
Сепак, многу жени продолжија да ги кршат правилата што им беа наметнати. Во септември, главната реформистичка партија во Иран повика на укинување на законот за задолжителен хиџаб.