[Галерија] Приватните превозници го блокираа Скопје

Скопје утрово од 6 часот е блокирано поради протест на приватните превозници. Со бројни автобуси, тие ги блокираа крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“ односно клучката кај булевар „Гоце Делчев“ и булевар „Крсте Мисирков“, крстосницата кај Црвен крст, односно клучката кај улица „11 Октомври“ и булевар „Кочо Рацин“, како и дел од булеварот „Илинден“ од пресекот кај булевар „Св. Климент Охридски“ до булевар „8 Септември“.

Сообраќајни полицајци го регулираат сообраќајот на крстосниците околу блокираните точки, откако Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека во градот денеска ќе има посебен режим на сообраќај.

Ова е по вторпат приватните превозници да протестираат, барајќи исплата на заостанат долг од градските власти. Претходниот петок, во знак на протест ги паркираа автобусите на дел од булеварот „Илинден“, додека на 28 ноември ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“.

Град Скопје во четвртокот соопшти дека е раскинат договорот со здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот. Градските власти посочија дека се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. На почетокот на минатиот месец пак, Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) го раскина договорот и со приватниот превозник „Макекспрес“.

 

фото: Радио МОФ