Многу производи кои придонесуваат за уништување на шумите повеќе нема да се увезуваат и да се продаваат во Европската Унија, според привремениот договор што го постигнаа законодавците на ЕУ утрово, пренесува Евроњуз.
Договорот што го постигнаа претставниците на Европскиот совет и парламентот меѓудругото опфаќа палмино масло, соја, говеда кафе, дрва и гума, како и производи од нив како што се говедско месо, мебел, чоколада, печатена хартија и избрани деривати на база на палмино масло.
Тоа значи дека компаниите сега ќе треба да издадат изјава за „due diligence“ дека овие стоки пласирани на пазарот на ЕУ не доведуваат до уништување на шумите и деградација на шумите никаде во светот по 31 декември 2020 година.
Според невладината организација ВВФ, блокот од 27 земји е вториот најголем увозник на производи со кои се уништуваат шумите по Кина, и е одговорен за 16% од уништувањето на шумите поврзан со меѓународната трговија.
„Новите правила имаат за цел да обезбедат дека кога потрошувачите ги купуваат овие производи, тие нема да придонесуваат за понатамошно деградирање на шумските екосистеми. Заштитата на животната средина ширум светот, вклучувајќи ги шумите и дождовните шуми, е заедничка цел за сите земји и ЕУ е подготвена да ја преземе својата одговорност“, рече во изјавата Маријан Јуречка, чешкиот министер за животна средина кој ги водеше преговорите за Советот.
Договорот се смета за голема победа за парламентот.