Во рамките на самитот Западен Балкан – Европска Унија во Тирана денеска беше потпишан договор за пониски роаминг цени, соопштија од Владата на Република Северна Македонија. Со овој договор, од 2023 година, Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина ќе имаат пониски тарифи во роаминг со земјите од Европската Унија, посочуваат од Владата.
„Денешното потпишување на договорот е уште една силна потврда за нашата европска иднина и интензивната соработка на земјите од Западен Балкан со земјите од ЕУ. Со овој договор од денес ќе сме поповрзани со земјите од ЕУ и ќе можеме полесно и побрзо да одиме по европскиот пат. Со овој договор се овозможува поголема поврзаност и практична и економска придобивка и за граѓаните и за бизнисот“, велат од Владата.
Истиот договор, од Владата посочуваат дека по извесен период предвидува целосно укинување на роаминг тарифите за земјите од Западен Балкан со земјите од Европската Унија.