Од Министерството за образование и наука (МОН) денес информираат дека е објавен повик за автори за поднесување предлог учебници за наставните предмети во трето одделение за учебната 2023-2024 година со што започнува постапката за изработка на учебници за трето одделение за следната учебна година.
„Повикот се објавува порано од досегашната вообичаена практика, за да се обезбеди сигурност дека постапка за одобрување на учебниците за трето одделение по македонски, албански, турски, српски и босански јазик, како и по математика, природни науки и општество, ќе заврши пред почетокот на учебната година следниот септември“, соопштуваат оттаму.
Право на учество на конкурсот, како што известуваат од Министерството, имаат сите автори кои ги исполнуваат условите пропишани со членот 10 од Законот за учебници за основно и средно образование. Притоа, на конкурсот може да учествува автор на учебник само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет и истиот треба да биде изработен според наставниот
план и програма за соодветното одделение и согласно Концепцијата за учебник за основно и средно образование.
Крајниот рок за доставување на ракописите за учебници е 13.2.2023 година. Повеќе детали околу сите дополнителни услови, критериуми, потребната документација и начинот на достава може најдат тука.
Во ноември годинава, МОН информираше дека започна дистрибуцијата новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование и истата требаше да заврши до крајот на ноември. Тогаш оттаму соопштија дека е испорачан првиот дел од учебниците, додека останатите сè уште беа во стадиум на печатење.
Поради доцнењето во изработката на учебниците, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение оваа учебна година ја започнаа со таканаречени материјали за учење – каде се разработува наставниот материјал само за првото тримесечје.