Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро реагираше, на како што велат, игнорантниот, непрофесионалниот и крајно понижувачки однос од генералниот секретар на градот Скопје Зоран Глигоров кон новинарските екипи за време на вчерашната прес конференција.
„Генералниот секретар на Град Скопје Глигоров, во своето обраќање пред новинарските екипи даде куса изјава каде ги обвини приватните превозници за политичка блокада на градот и на крајот не сакаше да даде одговори на новинарски прашања со образложение дека имал други обврски. На таквата негова постапка, колегите новинари разочарано изреагирале дека тие не се дојдени само да држат микрофони туку и да постават прашања кои се од јавен интерес за граѓаните на градот Скопје. Апелираме дека јавните функционери треба да се трудат да дадат одговори на сите новинарски прашања, а не да ги игнорираат и понижуваат новинарите и медиумските работници“, велат од ЗНМ.
Истовремено, оттаму потсетуваат дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека, дополнуваат дека функционерите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа.