Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) тврди дека на денешните протести во Скопје поврзани со блокадите на приватните превозници, полицијата грубо го прекршила правото на новинарите да снимаат и известуваат.
Оттаму соопштија дека според сведочењето на новинарката Фазиле Халили од ТВ21, таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена, а во тој момент полицајците и пришле и ѝ рекле дека не смее да снима и побарале да се избрише снимката.
„’Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш’ рекол полицаецот, на што колешката му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста. Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката од сите албуми во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено. Вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност“, велат од ЗНМ.
Од здружението потенцираат дека протестите се секогаш настани од јавен интерес и посочуваат дека јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, односно дали има повредени, уништување на јавен и приватен имот, но и дали евенутално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила.
Дополнително, тие посочија дека инцидентот ќе биде пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР и очекуваат полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, за, како што велат, во иднина да не се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата.