Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Софија е тука“ од новинарката и авторка Бјанка Станковиќ.
Софија е тука
Селото од каде што доаѓам е толку мало што сите се познаваат меѓу себе. Овој факт ѝ го кажав уште пред да се упатиме кон куќата за да не се изненади кога сите ќе почнат да нè поздравуваат.
Таму обично престојувавме шест месеци од годината кога беше најтопло. Куќата не е голема, но е доволна за нас двајцата и Бак. Оградата околу неа е стара и ‘рѓосана, а механизмот на портата за заклучување функционира само ако употребиш сила. Еден ден ја затворивме портата и се упативме пеш до дивата плажа.
Тој ден не наликуваше дека ќе има невреме, но Софија ми делуваше вознемирено. Таа беше одличен пливач. Уживаше да лежи на површината од водата кога морето е мирно. Додека се прегрнувавме во водата, ѝ предложив да го соблече костимот за капење и да се нурнеме во длабокото. Софија одби. Со рацете и нозете силно ме прегрна околу телото, а нејзиното малечко срце го чувствував на моите гради. Не зборуваше. Ѝ реков дека ќе излезам од водата, а таа само загрижено ме погледна. Ја бакнав и набрзина отпливав до брегот. Кога се завртев кон морето, сонцето ме удри во лицето. Погледнав кон водата, но Софија не беше таму. Одеднаш во стомакот почувствував силна болка. Трчав и викав по нејзе, но залудно.
„Не требаше да излезам од водата“ си помислив.
Моите вресоци и плач наизменично се натпреваруваа во тоа кој ќе ја спаси. Сè додека во еден момент не изгубив свест.
Неколку часа подоцна се разбудив во градската болница каде ги сместуваат и пациентите од околните села. Не ми беше јасно што се случило. Докторите ми објаснија дека туристи кои крстареле со брод, случајно ме забележале онесвестен на брегот и пријавиле во болницата. Следното утро ме пуштија да одам дома. Инсистирав да заминам порано, но медицинските сестри ми кажаа дека во текот на ноќта сум имал халуцинации. За една од нив сум мислел дека е Софија, и сум ѝ се извинувал што ја оставив сама во водата. Потоа сум ѝ зборувал за нашите неродени дечиња и како ќе ги бојадисуваме ѕидовите на горниот кат од куќата.
Ги земав работите од болничката соба и заминав. Батеријата на мобилниот телефон ми беше празна, па веднаш се качив во првото такси што се појави на улицата. На таксистот му реков дека ќе платам друг пат. Тој зборуваше без престан, а мене од глава не ми излегуваше помислата на телото на Софија обвиткано околу моето, нејзината водена коса прилепена за грбот и загрижениот поглед со боја како на модро небо.
Сè уште не можев да си објаснам зошто излегов од водата кога и самиот почувствував дека Софија се плаши. Од друга страна, знаев дека таа е добар пливач.
„Стотка до тука, друже. Ти памтам“ ми рече таксистот.
Му се заблагодарив и излегов од колата.
За првпат успеав да ја отворам портата без да употребам сила што ме зачуди, но не обрнав внимание. Кога влегов во куќата, сè уште мирисаше на нејзиното тело. Се качив на горниот кат за да ја соблечам маицата која мирисаше на морски алги и горливи вести.
На белата постела го забележав нејзиниот костим за капење. Околу него имаше воден круг. Ме полазија морници. Не можев да проговорам. Стоев и немо го гледав костимот мислиш го гледам раѓањето на сопственото дете. Тогаш ме сепна мислата дека Софија не дојде со мене на плажата. Ова се нејзините алишта кои таа ги остави минатото лето, тој ден кога безгрижно се капевме голи во морето. Водениот круг на креветот беше доказ дека Софија е тука и овој пат намерно не ја заклучила портата.
***
Бјанка Станковиќ (1995) е родена во Скопје. Завршила студии по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Професионално работи како новинарка, а посебен интерес има за фотографирање. Пишува раскази и есеи. Во 2022 година е добитничка на откупна награда за расказот „Морска“ на Конкурост за краток расказ на Нова Македонија.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.