Со поставување на прашалници кои го отвораат прашањето „Ќе се дише ли зимава“, активистите од клубот за артивизам при Младинскиот образовен форум (МОФ) направија еко-акција во центарот на Скопје.
Прашалниците беа поставени на плоштад „Македонија“ и пред ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, а активистите велат дека акцијата цели да ја подигне свеста на институциите во однос на сите прашања поврзани со животната средина.
Истовремено, посочуваат активистите, акцијата цели и да побуди критичко размислување за одговорностите на одредени носители на одлуки и преземањето конкретни мерки и чекори за совладување на овие клучни проблеми кои ги засегаат сите.
Активистите забележуваат и дека Владата за прв пат издвои посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето при Стратешката програма, односно планот за чист воздух од периодот 2019-2020 година.
„За оваа намена беа обезбедени дополнителни 1.5 милиони евра. Згора на се, оваа програма имаше план да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50%, додека во другите градови коишто се засегнати повеќе од некои други, намалувањето е помеѓу 30% и 50%. Начинот на финансирање на активностите беше со почетен посебен фонд од 1.5 милиони евра и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштита на животната средина во висина од 20 милиони евра“, велат тие.
Идејата за герила акцијата, фокусирана на аерозагадувањето и проблемот со воздухот во градот беше поттикната од младите активисти од средношколските клубови на МОФ.
Иницијативата е дел од проектот „Креативна младинска акција за животна средина“. Содржината е единствена одговорност на авторот и не нужно ги изразува ставовите на Фондација Отворено општество – Македонија.