Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, посочи дека за 2023 година се предвидени над 450 милиони евра за финансирање и развој на образованието и науката.
Шаќири посочи дека за образовна инфраструктура се предвидени 18,3 милиони евра, со кои ќе отпочне изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, а ќе продолжи и изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје.
„Ќе се гради нов објект за кумановската гимназија ‘Сами Фрашери’. Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови и во рок од 30 месеци треба да станат современи и енергетски ефикасни. Веќе најавивме дека ќе започне реконструкцијата на 118 училишни објекти, каде фокус е ставен на изградба на тоалети за ученици со посебни потреби и поставување на пристапни рампи. Продолжува и реализацијата на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали“, информираше министерот.
За ученичкиот и студентскиот стандард планирани се 19,5 милиони евра. Тука спаѓаат средствата за исплата на стипендии, за партиципации за ученички и студентски домови, како и за други субвенции како што е субвенционираниот студентски оброк, кој до март ќе се исплаќа согласно досегашните услови, а потоа ќе се воведе ново системско решение кое ќе биде усогласено со претставниците на студентските организации.
Од Буџетот, предвидени се 68 милиони евра за исплата на плати. Шаќири посочи дека ова зголемување се должи на повеќе основи, како и поради намерата за подигнување на инклузивноста на образовниот систем, за што е предвидено ангажирање на дополнителен број на образовни асистенти за учениците со попреченост во основните училишта.
Во делот на науката, министерството ќе продолжи да ги обезбедува сите можности за научно – истражувачките работници кои и досега беа достапни, а Шаќири нагласи дека ќе се направат напори за обезбедување на повеќе средства за дополнителна стимулација на тоа што е ефективно.