Сем Банкмен-Фрид, основачот на пропаднатата берза за криптовалути FTX, е уапсен на Бахамите, соопшти државниот јавен обвинител, пренесе Би-Би-Си.
Тој треба во вторник да се појави на суд во Насау, главниот град на карипската држава.
Полицијата информираше дека Банкмен-Фрид е уапсен поради финансиски прекршоци против законите на САД и Бахамите. Тој требаше утре да сведочи за колапсот на FTX пред Конгресот на САД.
Минатиот месец FTX банкротираше во САД и блокираше огромен број од нејзините корисници да си ги повлечат вложените средства.
Според тужбата до нив, поднесена во ноември, FTX должела скоро 3,1 милијарди долари на 50-те најголеми кредитори.
И понатаму останува нејасно колку луѓе кои имале средства на крипто-берзата ќе ги вратат своите пари на крајот на банкротот, но голем дел експерти предупредуваат дека тие средства може да бидат само мало делче од она што го вложиле како депозит.
FTX овозможуваше на корисниците да вложуваат обични пари и да набавуваат криптовалути, како што е биткоинот.
Банкмен-Фрид беше гледан како млада верзија на легендарниот американски инвеститор Ворен Бафет, а до крајот на октомври неговото богатство се проценуваше на повеќе од 15 милијарди долари.
FTX беше основана во 2019 година од Банкмен-Фрид, поранешен трговец на Волстрит, како и од Гери Вонг, кој претходно работеше во Гугл. Набрзо оваа компанија стана втората најголема крипто-берза во светот на која се тргуваа криптовалути во вредност од околу 10 милијарди долари дневно.
Сепак на 11 ноември компанијата поднесе барање за банкрот откако корисниците на платформата повлекоа 6 милијарди долари од берзата во три дена, а конкурентската берза Бинанс се откажа од договорот да ja спаси пропаднатата FTX. Истовремено Банкмен-Фрид поднесе оставка од позицијата директор на крипто-берзата.