„Прозорецот“, нов роман од авторот Јордан Коцевски ќе има своја промоција на 20 декември, вторник, во Градската Библиотека „Браќа Миладиновци“.
Со почеток од 19 часот, модератор на промоцијата ќе биде Александар Маџаровски, познат како Читачот.
Од издавачката куќа „Антолог“, истакнуваат дека станува збор за прва книга од книжевниот серијал „Наследство“, а дополнуваат дека трилер романот отвора повеќе прашања.
„Новинарот Мите е решен по секоја цена да ја открие мистеријата зад ‘човекот од прозорецот’, иако не е свесен што сè ќе треба да жртвува за да го направи тоа. Додека тој е посветен на истрагата на феноменот, неговата пријателка Катерина и неговиот татко Лазар бараат начин да му помогнат и да ја разоткријат тајната организација која се обидува да го спречи Мите, пред членовите од организацијата да успеат во тоа“, се вели во краткиот опис за книгата.
Jордан Коцевски е роден во 1983 година во Охрид. Таму докторирал на Факултетот за туризам и угостителство. Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“, ја има објавено во 2001 г. Неговата стрип антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014 г., а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016 г.
Добитник е на две награди за стрипот „Our Eden“, додека неговата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електронска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2017 г. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството. Главен и одговорен уредник е на „(е)Лит“, електронско списание за книжевност и друга уметност.
Во 2021 година го објави својот прв роман „Тегли“, а вториот роман, „Заследи ме“, во 2022 година. Двете книги се во издание на „ПНВ Публикации“.