#РаскажиМи: Извадок од романот „Енигматска Радијација“ од Ана Миланова

Овојпат во рубриката #РаскажиМи читаме извадок од романот „Енигматска Радијација“ на авторката Ана Миланова.

Глава I
Алпа Камаска

Во бесконечната црвенкаста песочна пустина, врнеше веќе неколку дни. Тоа беше пороен врел дожд што како капнуваше по песокот, така испаруваше, па се дигаше голема и густа пареа. Сѐ беше бело и ништо не се гледаше, ниту пак целиот феномен изгледаше земски. Ниеден хомо сапиенс не би успеал да преживее да би се нашол на ова место без соодветна опрема или термичка заштита. Но тогаш, низ дождот и пареата се појави силуета на едно суштество. Не беше човек, иако одеше на две нозе. Тоа беше изгубена душа, што продолжила да живее во овој свет, засолнувајќи се во еден скелет покриен со облека. Скелет составен од коски на неколку разни битија. Патем, тоа беше анимирана колекција на коски, со по некој орган или мускулно ткиво што се беше нашол на самата коска, што се спасил од гниење во моментот кога душата наишла на него и си го присвоила оживувајќи го повторно. Черепот му потсеќаше на рис, имаше долги и остри секачки заби, а и човечки во исто време. Не можеме да бидеме сигурни за неговото потекло. Веројатно потекнуваше од некој вид за кое засега немаме конкретно сознание. Никој не знае како и каде душата го нашла баш таков. Ја беше загубил долната вилица уште многу одамна во една бура на бродовите низ големиот океан, но веќе се беше навикнал да живее и без неа, иако со тоа го загуби и она малку што можеше да говорои. И онака со години не проговорил никому, зашто немал кому. Секогаш беше оставен сам. На темето черепот беше напукнато скршен, па од таму душата си ги оптегнуваше пламењата нагоре како убава огнена плазма. Но овој пат, овдека, движејќи се низ пустината, дождот ги спластна пламењата, па душата беше потисната. Му влегуваше вода во черепот и му прокапуваше низ дупките за очите и носот. Но, имаше силна волја да не ѝ се предаде на вселената и да не го напушти скелетот што си го имаше склопено, а и веќе удобно си го чувствуваше како свој дом. Се трудеше да го надмине дождот и да не згасне. Со последните сили чекореше напред, беспомошно и исплашено дека овој пат дождот ќе го згасне засекогаш. Тоа беше талкачот Алпа Камаска. Си го прифати тој прекар како свој идентитет, кога еднаш поглаварот на едно номадско племе го имаше пресретнато тогаш кога им се беа вкрстиле патиштата. Дотогаш талкачот немаше свој идентитет. Се сретнал само со неколку живи битија што можеше да се избројат на неговите две раце со по четири прста. Најголем дел биле животни, па никогаш и не му се обратиле.

Останатите биле збунети, избегале или му се обратиле со „Еј!”. А и додека работеше на бродовите беше затворен во последните одаи да го одржува жарот, сосема сам. Никогаш никому не побарал ниту вода ниту храна. Живееше од жарот на својот сон да си најде каде припаѓа, но никој не можеше или не сакаше да го прифати. Колку и да се обидуваше, животните бегаа кога ќе ги здогледаа долгите остри секачи, од шуплините за очите на черепот блештеше бела светлина од малите топчести ириси, а од згора на тоа и пламнеше душата од пукнатината на темето. Поглаварот беше единствениот што не се беше уплашил, иако не се ракуваше, сепак му кажа неколку збора. Му понуди храна, но талкачот никогаш дотогаш немаше пробано да џвака. Му прочита од душата, па му кажа: – „Не припаѓаш ти меѓу нас. Многу сме различни. Продолжи кај што си тргнал натаму“. Надежта на талкачот повторно згасна, и пламенот стивна. Но, остана да го гледа поглаварот, чувствуваше дека има нешто повеќе да му каже од веќе кажаното. Поглаварот викна по луѓето што се движеа во колоната до него и си продолжија по патот напред. А талкачот остана да свети со очите на кај него. Човекот веќе знаеше дека и талкачот му ја прочита душата. Можеби и не беа толку многу различни. Па, реши да му го каже тоа што го воздржа. Застана, се заврте и му викна: – „Продолжи кај што си тргнал, натаму! Ќе стигнеш кај карпите! Ако си вистинска душа, тие ќе ти го кажат патот кон твојата припадност! A aко не, остави го скелетов на гладните и откажи се“. И замина.

Тогаш талкачот по два дни и две ноќи стигна кај тие карпи обраснати со мов. А кога се доближи, како со пламењата од душата да ги осветли знаците што беа испишани на нив. Кога ќе се оддалечеше натписите исчезнуваа и тоа беше само една обична карпа некаде во една шума. Значи, беше вистинска душа. Натписот не го разбираше целосно, но успеа да дешифрира дека под карпата има закопано книга во која се наоѓа картата што треба да го одведе на некое друго место. Алпа Камаска среќен, копаше уште два дни и две ноќи со голи раце, и конечно наиде на дрвен сандак, полу скапан од влагата на земјата и разјаден од црви. Не беше воопшто тежок ниту голем. Го зема в раце, се извлече од јамата која ја направи и лесно го отвори. Прво нешто што здогледа беа две кафеави кожени ракавици, а на нив прикачен блескав кристал во зелено-
жолтеникава боја, обликуван како аглеста спирала. Под нив, се наоѓаше книгата за која му укажуваа знаците на карпата. Кориците ѝ беа обвиени со истата кожа а и на предната корица го имаше прикачено кристалот во идентичната боја и форма, малку поголем. Ја отвори книгата, но дебелите листови од рачно изработена хартија беа сосема празни. Се збуни. Очекуваше таму да биде картата во која се наоѓа одговорот на неговото единствено прашање. Ја разлистуваше надевајќи се дека ќе се појави нешто, но залудно. Се разочара и седна наземји. Но му дотекна дека можеби ракавиците имаат некоја си улога во целата работа. Ги навра на коскестите дланки а кристалите светнаа во прекрасна неонска боја, магично. Ја зема книгата, а во мигот кога ја допре светна и третата спирала. Ја отвори, но повторно ништо. Но тогаш кога ја доближи дланката за да ја сврти страницата се појавија знаци, но не од било какво мастило туку од самата светлината што паѓаше врз листовите од кристалот на ракавицата. Конечно, го откри трикот. Ја заврте дланката со кристалот свртен кон страниците и се осветлија сите знаци. За жал, за него тоа беше непознат јазик. Ништо не разбираше иако остана цела ноќ разгледувајќи ја целата книга. Сакаше да верува дека можеби нешто разбрал, па некако си протолкува дека треба да се упати кон југ.

*

И тогаш, после многу долго време, Алпа Камаска се најде во пустината со врелиот дожд. Чекореше напред, настојуваше да се движи линеарно право. Се бореше со водата што шуштеше од врелост, но не престана да се движи. Беше тотално залутал. Чекореше со часови, а дождот никако да престане. Сѐ повеќе и повеќе душата му беше потисната и сѐ повеќе имаше шанси да таа згасне. Но, талкачот не се откажа.

*

Низ пареата му се привиде силуета на нешто високо и црно. Изгледаше на тесна округла кула изградена од темни карпести тули. Не можеше да ѝ се види крајот низ пареата. Се упати кон неа и по час стигна. Точно, тоа беше токму таква кула. Изгледаше како да е закопана во песокта, како надолу уште да се простира, а воедно и нагоре изгледаше бескрајно. Талкачот точно стигна пред полукружниот влез што до пола беше закопан впесок. Немаше избор, па се наведна и влезе низ отворот. Бескрајно ехо. Мрак. Неподнослива топлина што ја емитуваа карпите што се беа вжештиле од дождот. Но тоа се чинеше единственото засолниште. Тој се беше навикнал да издржува огромна топлина уште кога работеше на бродовите, па ова не му беше ново. Душата почна полека да му се вивнува повторно и ја осветли темнината. Кулата беше толку тесна што да би ги раширил двете раце би можел да ги допре ѕидовите. Немаше ништо. Освен насобраната вода до глуждовите и врелите карпи, немаше ништо. Но барем се засолни, си помисли талкачот. Со телото се потпре на ѕидот и реши да го чека крајот на дождот кој се чинеше дека никогаш нема да престане.

*

Чекајќи со часови потпрен на ѕидот, беше влегол во некоја состојба каде заборави зошто чека и зошто се наоѓа на тоа место. Иако, ни претходно не знаеше. Сѐ уште врнеше. Книгата што ја носеше врзана за појасот под наметката му беше мокра, листовите се залепиле, па не сакаше да ја отвори за да не ја уништи. Или можеби му текна дека нема полза од текстовите кои не ги разбира. Со секоја минута згаснуваше и неговата надеж. Почна да згаснува и неговата волја да остане да биде тој, талкачот. Како да се помируваше дека душата може да се предаде на универзумот. Се колебаше. Но тогаш, забележа дека веќе песокта го беше голтнала до под колената. Се уплаши и почна да прета да се измолкне. Чувствуваше толку многу страв што дури и препуштањето на вселена веќе не изгледаше на рамнодушност. Се смири, воздивна и го крена черепот нагоре. Кулата навистина како да немаше крај. Но знаеше дека сѐ на светот има крај. Дури и црните дупки и посака да дознае како изгледа овој крај. Можеби и не беше сега вистинското време да ѝсе предаде на вселената. Со двете раце се фати за тулите од ѕидовите и се измолкна од песокта. Уште еднаш погледна нагоре а душата му осветли едно исушено речиси испечено растение што до скоро си постоело и си раснело меѓу карпите. Се натажи талкачот за неговиот живот. Со раката си го допре пламенот од черепот и му даде искра душа на растението. А растението оживеа и почна да расте. Почна да расте толку многу и толку брзо. Како времето да не постоеше. Растеше и растеше нагоре, се моташе низ карпите, стеблата му се разгрануваа и стануваа потврди и подебели. Лисјата се раѓаа и си подмрднуваа правејќи кругчиња. Изгледаше како живо тело. Порасна толку многу, што стеблата со благодарност формираа мрежа за талкачот да почне да се качува нагоре по кулата.

*

Алпа Камаска го направи првиот чекор, а потоа и вториот, и третиот. Како се качуваше нагоре, така растението растеше и растеше, правејќи му го патот. Се качуваше и се качуваше. Веќе го изгуби и видикот под себе. Како се движеше нагоре, така карпите почнуваа да се ладат, но кулата навистина немаше крај. Се качуваше со денови или ноќи, а постојано се наоѓаше во истата околина: карпите, растението што расте пред него и бесконечноста. Но Алпа Камаска знаеше дека и црните дупки имаат крај.

*

После време што никој не знае колку тоа траеше, се појави светлина. Тоа значеше дека конечно наближува крајот на бесконечната црна кула. Талкачот продолжи да ги следи стеблата на растението и по некое време излезе во една друга, поинаква земја. Излезе од бунар што беше заборавен од кој и да го беше направил. Сѐ беше зелено и бучно. Како во сон. И воздухот беше зелен. Имаше многу папратни растенија насекаде околу него и можеби тие ја емитуваа зелената светлина, а можеби и не. Ја крена главата и виде голема зелена планета полна со ветришта што застрашувачки ротираше заземајќи го целото небо и бучно се слушаа сите нејзини вибрации. Се чинеше дека во секој момент е спремна да падне. Беше огромна и страшна. Книгата му беше сува. Ја отвори и му се осветли симбол во налик на висока планина. Како и секогаш, талкачот продолжи понатаму.

Илустрација: Ана Миланова

***

Ана Миланова има 26 години и е дипломиран ликовен уметник. Моментално се занимава со дизајн на видео-игри, а авторка е на романот „Енигматска Радијација“.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.