Под мотото „Поврзи се“, Младинскиот совет на американската амбасада го организираше првиот саем за кариера „Кариерен експо“ во Мала станица во Скопје каде се претставија 50 успешни компании, институции и организации. На настанот присуствуваа претставници од американската амбасада, амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Кристофер Ивон, пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошовски како и бизнисмени, но и граѓански организации.
Според Милошоски, во Македонија кариерата е поврзана со тоа да се биде јавна личност. Но, тој вели дека прво е потребно да се знае што е она што младите го сакаат, а потоа да видат дали се способни да го направат тоа. Милошоски додава дека мотивацијата е клучниот поим што треба да го имаат предвид младите.
„Луѓето од внатрешноста се помотивирани, иако тоа не треба да биде некое правило. Луѓето што доаѓаат од помалите средини и компании се повеќе мотивирани да успеат и да ги направат потребните контакти“, рече Милошоски за време на дискусијата.
За амбасадорот на Велика Британија, Кристофер Ивон, учењето односно способноста да се надградува е важна карактеристика што претставувало темел на неговата кариера. Но додава тој, покрај желбата, мотивот, работата, упорноста за успех во градењето кариера е потребна и среќа. Тој ја сподели својата животна приказна, во која раскажа дека покрај учењето, упорноста и желбата и среќата која ја имал, му помогнале да излезе од сиромаштија и да стане она што денес е тој.
„Верувајте во себе, секогаш знајте што сакате, посветете се на тоа, работете го со многу труд и љубов и резултатите со малку среќа ќе дојдат“, порача британскиот амбасадор.
Лидерството пак, едноставно може да значи младите сами да бидат способни да ги водат сопствените кариери, , а како што велат од Младинскиот совет на американската амбасада, кариерата е повеќе од работата и потребна е мотивација. Според нив, секој млад човек треба да започне од нула, а парите не треба да бидат двигател при градењето кариера.
Настанот денеска е беслатен и отворен за сите заинтересирани, активностите траат до 18 часот и се закажани повеќе работилници и презентации за волонтерство и вештини од младински граѓански организации.
Емилија Петреска