Стапки или метри? Исток или запад? Какви грешки најдовме во новите учебници за основно

„Монт Еверест е највисока точка на земјата на 29.035 метри надморска височина. Најниска точка е Мртвото Море, кое е повеќе од 1.400 метри под морското ниво“.

„На исток нашата земја се граничи со Република Албанија (…) На запад со Република Бугарија“.

Овие три погрешни факти се дел од учебникот „Историја и општество“ за 5 одделение во македонските основни училишта кој е дел од новите учебници издадени од Министерството за образование и наука (МОН) според новата концепција за основно образование.

Додека во првиот пример очигледно е дека пропустот на авторите бил што височината на Монт Еверест и најниската точка на Мртвото Море погрешно ја напишале во стапки, наместо во метри (29.035 стапки = 8.850 метри колку што навистина е висок Монт Еверест, додека 1.412 стапки = 430.5 метри колку што навистина е најниската точка на Мртвото Море), во вториот пример најверојатно станува збор за лапсус кој не бил забележан ниту од авторите ниту од рецензентите.

Покрај овие, во учебникот може да се најдат уште неколку технички или печатни грешки. На пример во поглавјето „Население и континентите“ напишано е дека Кина има 1,448 милијарди жители, а веднаш подолу дека оваа држава има повеќе од 1,250 милијарди жители. На една од картите во учебникот заборавено е да се наведе името на континентот Африка, додека во еден дел месецот на основањето на „Меѓаши“ е напишан со голема буква.

Дополнително во учебникот се протнале неколку печатни грешки како на пример зборот „пеач“ наместо правилниот збор пејач, „Рио де Женеиро“ наместо Рио де Жанеиро или „Стоунхеџ“ наместо Стоунхенџ. Дополнително, на едно место е напишано дека Бразил е „најголемата соседна територија во САД, пред Канада и САД“, но навистина не знаевме да одгатнеме што сакал авторот да каже со тоа.

 

„Историја и општество“ за 5 одделение беше учебникот со најмногу вакви грешки, додека при нашето разгледување на останатите учебници објавени на e-ucebnici.mon.gov.mk забележавме само понекоја грешка.

Во учебникот за второ одделение по македонски јазик Насредин-оџа е два пати различно напишан во еден ист расказ – еднаш како „Насрадин-оџа“ и веднаш подолу како „Настрадин-оџа“.

Печатна грешка забележавме и во учебникот „Природни науки“ за 5 одделение, каде Саргасовото Море е напишано како „Саргаско Море“.

МОН ќе ги утврдува причините за пропустите

Министерството за образование и наука денеска соопшти дека заедно со Педагошката служба започнале процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по „Историја и општество“ за 5 одделение, во кој, како што велат од МОН „се констатирани низа грешки и нелогичности, кои секако, не смееја да се дозволат“.

„Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување. Во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно – образовен процес“, велат од МОН.

Оттаму упатуваат и апел до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образованието и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност.

Учениците ги прелистуваат учебниците на крајот на првото полугодие

Оваа учебна година, согласно новата концепција за основно образование, учениците во прво, второ, четврто и петто одделение требаше да учат по нови учебници. Но, иако наставните програми беа готови уште пред почетокот на учебната година, учебниците доцнеа во првите месеци од учебната година. Нивното дистрибуирање почна кон крајот на ноември, но и понатаму голем дел основци ги немаат добиено сите нови учебници пред самиот крај на првото полугодие.

Учениците оваа учебна година ја започнаа со таканаречени материјали за учење каде се разработува наставниот материјал само за првото тромесечје, поради доцнењето во изработката на учениците.

Проблемот со учебниците предизвика Владата да формира Совет за решавање на проблемот со учебниците, за кој министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека е со цел конечно да се најде решение за овој проблем.

Во меѓувреме, на почетокот од месецов од МОН посочија дека е објавен повик за автори за поднесување предлог учебници за наставните програми во трето одделение за наредната учебна година.

Со новата концепција за основно образование која започна минатата учебна година во прво и четврто одделение, а потоа етапно ги опфати и другите одделенија, беше предвидено содржините за учениците да бидат презентирани преку реален контекст. Со неа, учениците беше најавено да поминуваат помалку време во училиште, а наставата да биде приспособена на нивните потреби и можности.

Новата концепција беше предвидено да им овозможи на учениците полесно да ги поврзуваат наставните содржини со реалните случувања. Со неа, наставните програми од различни предмети беше најавено да се спојат по сродни теми во текот на исто одделение со цел да се нагласат врските и различни аспекти на една појава.

Мартин Колоски

Даниел Евросимоски