Комитетот кој го истражува ланскиот упад во Конгресот на САД смета дека поранешниот претседател Доналд Трамп треба кривично да се гини за повеќе дела, меѓу кои и за повик на побуна.
Комитетот кој е предводен од Демократската партија едногласно одлучи да предложи до правосудството да покрене обвинение против Трамп.
Симпатизерите на Трамп упаднаа во Конгресот на 6 јануари 2021 година, со што ја прекинаа постапката за прогласување на Џо Бајден како нов претседател. Трамп, кој отфрла било каква одговорност за инцидентот, во соопштение за јавноста упати критики и навреди кон Комитетот кој ја истражуваше неговата одговорност.
Истрагата траеше 18 месеци од Комитет на пратеници од Претставничкиот дом. На вчерашната последна средба тие препорачаа дека Трамп треба да се гони за четири посебни дела: Поттикнување и помагање на побуна, попречување на службени дејствија, заговор за државна измама и заговор за правење лажни искази. Комитетот кој е составен од седум демократи и двајца републиканци овие нивни предлози ги објавија во извештај на 161 страница.
Според извештајот Трамп ширел тврдења околу кражба на претседателските избори во 2020 година, за кои знаел дека се лажни, а потоа вршел притисок врз државни функционери, Министерството за правда и неговиот заменик-претседател со цел да се поништи неговиот изборен пораз. Комитетот го обвини и за поттикнување на упадот во Конгресот, што беше последен обид да се блокира мирното предавање на власта на тогаш новоизбраниот претседател Бајден.
Сепак одлуката на Комитетот засега е само симболична. Министерството за правда, чии обвинители и понатаму размислуваат дали да покренат обвинение против Трамп не мораат да ја следат нивната препорака, а портпаролот на министерството одбил да коментира во врска со дадените препораки.
Досега за вмешаност во упадот во американскиот Конгрес се обвинети повеќе од 900 лица.