Феминистичката платформа „Медуза“ прославува четврти роденден со промоција на новата публикација „Променливо облачно“, како и промоција на феминистички „зин“, труд на учесничките од школата Фем 101, која оваа година тие ја организираа во соработка со „ТииитИнк“.
На 22 декември, четврток, со почеток во 20 часот, тимот на „Медуза“ ќе ги претстави овие две печатени изданија во кафе-барот „Котур“. Роденденот ќе биде прославен и со гледање на тарот карти, а за музиката ќе се погрижат Стефан Богески, Славчо Димитров и Љубомир Фаизов.
„Нашите кошмари никогаш не биле поинтимни и посподелни, истовремено. Велам интимни, зашто разноразните ментални предизвици со кои повеќето од нас се соочуваат се осеќаат некаде длабоко внатре и имаат тенденција да нè туркаат во изолација. Велам споделени, зашто сè појасно станува дека кога небото е тмурно, тмурно е за сите нас. Од тоа сознание треба да црпиме методи, сила и енергија, да се осмелиме да го замислиме новото време и да работиме на неговото доаѓање, денес. Надежта дека небото ќе се расчисти, дека ние имаме одговорност да го разведриме, не е наивна емоција, туку стратегија и верба во нашата поединечна и колективна моќ“, велат од „Медуза“.