Во последните три години имало повеќе од 300 случаи на повреда на личните права на интернет корисниците во Македонија. Една третина од нив се регистрирани како говор на омраза. Регистрирани биле и околу 30 случаи на компјутерски измами за лични податоци. Голем тренд бележи и бројот на хакерски напади вперени кон важни институции како министерствата, банките, Фондот за технолошки иновации и развој и сајтот на Државната изборна комисија.
Овие наоди се дел од истражувањето спроведено од Петар Клинчарски, надворешен монитор на Хелсиншкиот комитет и Бојан Стојковски, истражувач од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН).
На вчерашниот отворен форум за интернет слободи и дигитални права, организиран од Хелсиншкиот комитет, Клинчарски и Стојковски го презентираа истражувањето правено врз основа на податоци и случаи во период од 2020 до 2022 година. Тригодишниот мониторниг, покрај говор на омраза покажува дека владее и висок тренд на хакирање сертификати за примена вакцина издадени од Министерството за здравство.
„Ова беше многу битно поради тоа што со тие ковид сертификати се патуваше во останатите земји и на некој начин тоа исто така го става во прашање самиот процес, дали нашите институции имаат доволно капацитети кога станува збор за лични податоци и за вакви сензитивни податоци“, изјави Стојковски при своето обраќање на дискусијата.
Лажни квизови и лажни награди коишто се презентираат на социјалните мрежи, а пред сè на Фејсбук, како што објасни тој, користат имиња на познати брендови и ги привлекуваат граѓаните да ги остават своите лични податоци.
Кон ова се надоврза и Клинчарски кој посочи дека во последнава година споредено со претходните се забележани најголем број случаи за собирање лични податоци и тоа токму преку таквите наградни игри.
„Конкретно се сеќавам, дури и лично реагирав за еден ланец на маркети што најави инвестиција во државата, меѓутоа сè уште нема физички отворен објект. Се јавив во компанијата и прашав дали е тоа реално така. Тие ми одговорија дека воопшто немаат отворено маркет за да можат да продаваат, а камо ли да подаруваат. После негде два дена се згасна профилот, но по недела дена се отвори нов, а тоа значи дека луѓево не се пронајдени, не се санкционирани, меѓутоа она што веројатно е многу пострашно е тоа каде завршуваат личните податоци на граѓаните“, изјави тој.
Уште еден тренд што бележи раст е објавувањето лажни вести.
„Во овој случај имавме и граѓани, но и одредени портали кои го прават тоа. Тука најчесто таргетирани се државни функционери, политичари, јавни личности, но мислам дека оваа закана е буквално за секого, бидејќи ако во денешно време нешто може да се објави лесно тоа е да се прошири преку социјалните мрежи станува асимптоматично за тоа дали постои некој начин на контрола“, забележа Стојковски.
Напаѓачите не се наоѓаат, граѓаните со ниска доверба во институциите
Стојковски одговорноста ја бара во граѓаните, но според него, сепак треба да има и дополнителни механизми од институциите што ќе го спречат хакирањето лични податоци.
„Личните податоци се лична одговорност на самиот граѓанин, но треба да има и некакви дополнителни механизми, дали од страна на властите или од другите институции што ќе направат тој процес да не е толку лесен. Како што гледаме, станува збор за огромен број манипулации кои можат да ги таргетираат буквално сите и да има уште поголеми штети“, истакна истражувачот.
Тој укажа и дека за поголемиот дел од случаите во истражувањето напаѓачите не се пронајдени и за нив нема разврска.
Клинчарски е со став дека, според она што можеле да го увидат, граѓаните повеќе им веруваат на невладините организации за да пријават отколку на институциите.
„Праксата покажува дека дури и да се пријави, ефект и резултат – нема. Говорот на омраза продолжува, луѓето не можат да ја добијат правдата. Кога зборуваме за злоупотреба на дигиталните права, на личните податоци, според статистиките на МВР, може да се види дека има пријави. Меѓутоа тие пријавувања се од самите граѓани кои биле цел на злоупотребата со оглед на тоа што во нивно име е извршена некоја услуга што не ја побарале. Тогаш тие се одлучуваат сами да побараат помош од надлежните институции, а за тоа дали МВР постапува или не постапува треба да се побараат информации од нив“, рече тој.
„Се постапува, но процесот го завлекуваат застарените закони“
Марија Гошева Крстевски, претставничка од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР соопшти дека досега нема пријава по која не се постапило, иако често добиваат нецелосни пријави каде фалат податоци без кои истрагата, како што рече, не може да има успешен исход.
„Кога не е целосна пријавата, ние го известуваме јавниот обвинител, должни сме според Законот за кривична постапка. Но, ако ги немаме во целост потребните податоци за понатаму да почнеме да преземаме мерки, не може да имаме успешен завршеток на истрагата. И јавниот обвинител да ни даде наредба, без да го имаме вистинскиот линк (од пријавениот), самата социјална мрежа нема да ни даде податок, ќе ни го отфрли барањето“, рече Гошева Крстевски и додаде дека тоа е најчестата причина зошто граѓаните мислат дека кога пријавуваат не се постапува.
Таа информираше и дека често добиваат барања да се отстрани одреден профил, но тоа не е надлежност на МВР туку на Агенцијата за заштита на лични податоци. Апелираше да се внимава каде се оставаат податоците и да не се клика на сите линкови на интернет, а нивниот Сектор е секогаш отворен да помогне.
Спасенка Андоновска, претставничка од Основното јавно обвинителство Скопје се согласи дека има потреба да се наведуваат повеќе податоци за да може да се постапува, но според неа, потребна е и прецизна легислатива во овој дел.
„Обвинителството постапува многу строго формално, што значи дека само она што е предвидено на начин на кој е предвидено во Кривичниот законик најчесто претставува рамка по кој треба и мора да се постапува. Ако не е прецизно наведено, надвор од тоа вие не можете да постапувате колку и да имате одредени сознанија и информации, односно немате форма и начин како да го пласирате и пред судот“, упати Андоновска.
Таа додаде дека државата презема голем број од меѓународните обврски, се прават чекори напред, иако некои можеби со задоцнетост.
На крајот на дискусијата, присутните повторно испратија пораки да се внимава со личните податоци на интернет, а Бојан Стојковски се осврна и на кампањи, преку кои граѓаните би се едуцирале за пријавување вакви случаи. Исто така побара и да се олесни процесот за постапување.
„Ако постои олеснување на оваа процедура, да може лесно да го пријавиш случајот и да добие разврска, тогаш секако да, тие кампањи се погоден одговор. Но, ете тоа претпоставувам дека би било долгорочна стратегија за која треба да се размислува. Би додал и дека самите медиуми треба проактивно да известуваат за јавните разврски, како што е случајот со ‘Јавна соба’, тука имаше разврска и тоа на некој начин докажа дека може да се најде некој механизам и некаква правда за овие онлајн случај, така што дефинитивно и медиумите имаат улога во овој процес и сето тоа може да се искористи на еден добар начин за да се дојде до јавноста“, посочи Стојковски.
Ангела Бошкоска