„Раскажувај ми за сечењето на корените“, дебитантската збирка раскази на Ивана Настева, ќе биде промовирана на 23 декември во Градската библиотека во Велес, нејзиниот роден град. Збирката ја пишувала шест години, почнувајќи од втора година на факултет, но низ процесот, ракописот поминал низ бројни промени и „многу кратења, кратења, кратења“…
На промоцијата е предвиден книжевен разговор со Игор Крајчев, Кристина Николовска и Моника Матовска, но и дружба со божиќни колачи и вино.
Најавена како збирка раскази за мрзливиот читател, со Настева поразговаравме за „Раскажувај ми за сечењето на корените“, но и за пишувањето, издаваштвото, кратките книжевни форми и инспирацијата.
Ивана Настева за себе вели дека е израсната од силни жени. Истакнува дека збирката решила да ја посвети на мрзеливиот читател бидејќи смета дека е директна и несуптилна во пишувањето, па и не користи сложени метафори.
Открива дека во средношколските денови напишала две новели кои за среќа не ги објавила, но тие ѝ помогнале да си ја ојача дисциплината и постојаноста при пишувањето, да ја развие креативноста и да си го пронајде стилот на пишување.
„Расказот како литературна форма во посериозно здание го сретнав во раните студентски денови и
не знам дали јас го пронајдов расказот или дали тој ме пронајде мене, но бргу сфатив дека тоа е формата во која сакам да се изразувам. Ја имав таа среќа да учам од прекрасни професори, а тоа многу ми помогна при усмерувањето“, вели таа.
Расказите на Настева се за обичните луѓе. Вели дека како авторка, највеќе се инспирира од сопствените искуства, но и неселективно, будно набљудување на околината и емпатијата, а додава дека на ова време му се потребни повеќе активни слушатели. Забележува дека луѓето заборавиле да читаат, а смета дека токму читањето е клучен елемент во пишувачкиот процес.
„Не можеш толку да напишеш колку што можеш да прочиташ. Не го романтизирам пишувањето и скоро никогаш не ни пишувам кога имам наплив на инспирација, само си правам белешки, а потоа пишувам со ладна глава откако ќе го обмислам костурот горе-доле во мислите. Така сфатив дека имам помалку непотребни описи и се фокусирам само на поентата која сакам да ја пренесам, но тоа нема врска со читателот. Затоа ми се допаѓа расказот најмногу од сите прозни форми, слоевит е. Сите гледаме различни работи во една иста страничка, две, три… Сите го доживуваме различно и на свој начин“, вели Настева.
Промена, макар и најситна – која ќе нѐ протресе
За идните читатели, авторката ја опишува збирката раскази „Раскажувај ми за сечењето на корените“ како парцијално исповедничка проза која се труди да го рефлектира општеството, да им помогне на ликовите (и на читателите) да стигнат до некоја своја епифанија и да излезат од ригидноста, но на еден ненаметлив начин.
„Сите имаме свој тајминг на нештата и ова не се раскази кои сакаат на читателот да му зададат лекција или да го поучат, но ако дојде до тоа, ако дојде до некоја промена, макар и да е најситна која ќе не протресе и разбуди, секако ќе ми биде драго. Тоа повторно е заслуга само на читателот – и во тоа е убавината“, посочува Настева.
Имајќи предвид дека ова е прво издадено дело на Настева, со неа поразговаравме и за што треба да се измени во македонското издаваштво за тоа да биде попристапно за младите, односно новите автори.
Авторката истакнува дека како мала држава и мал пазар, што уште повеќе се смалува кога станува збор за раскази и поезија, работите се дополнително отежнати.
„Можеби за да се поправи издаваштвото овде кај нас потребно е повеќе да се акцентира маркетингот на сите книжевни конкурси, емисии од книжевен/литературен карактер како што е #РаскажиМи или пример Храмина, со цел тие да допрат до поголема публика, да се крене свеста за нивно постоење. Кога целата таа палета на можности ќе стане малку поблиска, верувам дека и младите ќе се охрабрат повеќе за свое излагање, ќе бидат и поинформирани, секако, а тоа е првиот чекор за сѐ“, вели таа.
Краткото, концизно изразување е вечниот предизвик
Дипломирана на катедрата за англиски јазик, Настева во моментов работи во полето на дигиталниот маркетинг. Оттаму, со неа поразговаравме и за македонскиот јазик и колку е тој прилагодлив за кратките форми, токму оние во кои таа пишува.
Според Настева, краткото, концизно пишување е вечниот предизвик, но дополнува дека македонскиот јазик дозволува да го негуваме преку секоја книжевна форма.
„Јазикот е жива материја – дозволува игривост и експериментирање, и оваа прилика ја користам за да ги поттикнам сите млади писатели, уметници и креативци да не се откажуваат од својата уметност. Напорната работа и упорноста се исплатат, колку и да звучи клише. Краткото, концизно изразување е вечниот предизвик“, посочува авторката.
Зборувајќи за тоа кои автори ѝ се вечна инспирација, Настева ги набројува Фиџцералд, Хемингвеј, Фланери О’Конор, Тес Галагер, Рејмунд Карвер, Џон Чивер, Румена Бужаровска, Петар Андоновски и Ѓорѓи Крстевски, додека како книги на кои нон-стоп им се навраќа ги посочува „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска.
„Тоа се автори кои се кратки, концизни, оптимални во сѐ – како што се трудам да бидам и јас. Целата суштина на пишувањето, барем според мене, е да се каже повеќе со помалку. Имам голем афинитет кон нашите автори и се трудам домашната библиотека редовно да си ја збогатувам со македонски автори. Мислам дека од неодамна тој тренд започна и кај нашиов народ, да си го сака своето. Ни треба домашно, книжевно колективно лудило“, подвлекува таа.
Ивана Смилевска