Божиќна елка висока неколку метри и по десетици редови сијалички во жолта боја кои „паѓаат“ од нејзиниот врв, како и дрвја кои се целосно обвиени во жолта боја од новогодишните светилки. Вака изгледа украсувањето на централниот плоштад „Македонија“ во Скопје за новогодишните празници. Околу божиќната елка, поставени се и неколку типизирани куќички од кои се продаваат новогодишни чорапи, мини крофни и слатки бастумчиња.
На едната страна од плоштадот се поставени и два рингишпили. Околу плоштадот пак, на неколку штандови се продаваат балони со хелиум, светлечки балони, играчки и разни дрангулии.
Во близина на Воинот на коњ дојдоа и неколку Дедо Мразовци, заедно со Мики Маус и во импровизираните новогодишни соби ги привлекуваат децата за да ги овековечат моментите од предновогодишните празници. Одоколу се слушаат детски песнички.
Но, освен украсувањето на плоштадот, од Град Скопје најавија и програма за дочек на новата година. Сепак, оттаму сè уште немаат соопштено детали. Радио МОФ во повеќе наврати испрати прашања до Град Скопје во однос на новогодишната програма и украсувањето, но оттаму одговорија дека за тоа е планирана прес-конференција, која сè уште не се одржа.
Споредната улица „Македонија“ која води кон централниот плоштад остана без украси, освен светилките на балоните и играчки кои ги продаваат уличните продавачи, како и декорираните прозори на кафулињата.
На кејот сликата е слична. Нема никакви украси или светилки поставени од градот. Контраст се кафулињата. Од спротива пак, речиси целосен мрак на фасадите на државните институции, кои пред неколку месеци ги изгасија светлата поради мерките за штедење, предизвикани од енергетската криза.
И Градскиот трговски центар (ГТЦ) остана неукрасен. Предновогодишните моменти ги пополнуваат сијаличките од неколку излози на продавниците, новогодишните производи кои се продаваат во нив, и уште еден Дедо Мраз. Повремено, се слуша и по некој божиќен хит во изведба на уличните свирачи во самиот објект.
По бандерите кои водат кон центарот на градот се поставени светлечки украси, како и жолти сијалички кои се протегаат над коловозот на „Рекорд“.
Мартин Колоски