Во земјава речиси да не се спроведуваат „зелени“ набавки иако Законот за јавните набавки тоа го овозможува и поттикнува. Институциите не ги почитуваат ниту малиот број мерки донесени од Владата со кои преку јавните набавки треба да се влијание врз заштита на животната средина.
Ова се дел од заклучоците на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кој го објави Извештајот од истражувањето на јавните набавки поврзани со заштитата на животната средина за детектирање на ризиците од корупција, а студијата е проследена и со Документ за јавни политики што содржи предлози за поголема примена на зелените набавки.
ЦГК посочува дека иако Владата на седницата одржана во декември 2019 година реши да се набавува вода во стаклени шишиња наместо во пластична амбалажа, истражувањето покажа дека во праксата околу 90 % од водата што се купува и натаму е во пластични шишиња. Инаку, годишно се набавуваат околу 1,3 милиони литри вода, во вкупна вредност од околу 460.000 евра.
Исто така, воочено е целосно непочитување на начелото на спречување на т.н. нелојална зелена конкуренција.
„И покрај донесениот заклучок на Владата во декември 2019 година, во ниту еден тендер на Владата и на министерствата спроведени во 2021 и во 2022 година не се барало од понудувачите да ги спроведуваат обврските за проширена одговорност на производителот во однос на управувањето со отпад (ПОП)“, посочуваат од Центарот.
Понатаму, Владата во 2021 година донесе заклучок за набавка на „еколошки возила“, но тоа не ја спречи да продолжи да набавува возила на дизел, вклучувајќи ги и 45-те возила земени на лизинг за потребите на министрите и на други високи функционери.
„Од вкупно купените 206 возила (патнички, товарни и комерцијални), во периодот на мониторингот (1.7.2021-30.6.2022) само шест возила (3 %) се хибридни (бензин и електричен погон), а други шест (3 %) се на комбиниран погон (бензин и плин)“, посочува ЦКГ.
Во едногодишниот период на мониторинг, државните институции на централно и на локално ниво купиле 93.864 тонери во вредност од 3,1 милион евра. Во ниту еден од тендерите не се барало понудувачите да докажат дека ги спроведуваат обврските за проширена одговорност на производителот во однос на управувањето со отпад.
Според истражувањето, „зелени“ аспекти во набавки отсуствуваат од почетокот на постапките – планирањето на набавките, преку описот на производите и критериумите за избор – сѐ до реализацијата на договорите.
„На тендерите поврзани со заштита на животната средина има просечно по 2 понуди по тендер со што конкуренцијата е пониска отколку на другите тендери во земјава. Правото на дискрециско постапување во однос на тоа дали ќе се почитуваат еколошките ознаки во набавките, дали ќе се применуваат стандардите за заштита на животната средина и дали доследно ќе се почитуваат препораките на Владата претставува плодно тло за надворешни влијанија и, оттука, и за корупција. Земјата треба итно да донесе политика за ‘зелени’ јавни набавки која ќе биде задолжителна за спроведување од сите државни институции“, стојат како заклучоци од истражувањето на ЦКГ.