МОН: Се зголемува бројот на ученички стипендии

Бројот на стипендии за учениците од средните училишта во учебната 2022-2023 година ќе се зголеми од предвидените 900 на 1.318, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН) по донесената одлука на вчерашната владина седница.

„Обезбедени се дополнително средства за оваа намена, а целта е да се мотивираат и да се поддржи образованието на што поголем број средношколци кои аплицираа на конкурсите за доделување на стипендиите. Наместо 120 стипендии за ученици со посебни потреби, ќе бидат доделени 168. Вкупно 167 стипендии ќе се доделат на талентирани ученици – спортисти, односно 17 повеќе од првично предвидените. За талентираните ученици од областите на природните и техничките науки ќе се доделат 115, наместо како што беше првично предвидено да се доделат 100, додека за учениците кои реализираат наставни програми од дефицитарни струки наместо 240, ќе се доделат 267 стипендии“, информираа од МОН.

Од Министерството посочуваат дека веднаш по излегувањето на Одлуката во Службен весник, на веб страната www.mon.gov.mk ќе бидат објавени и резултатите за сите категории на стипендии согласно новите квоти, a учениците ќе добијат насоки за понатамошно постапување.