„Гугл“ ја објави годишната листа „Годината според пребарувања“ каде се наведени најпребаруваните поими за 2022 година, на глобално ниво, пренесува „TechCrunch“.
Според листата, најпребаруван поим е „Вордл“, популарната онлајн игра која го освои светот на почетокот на годинава. Вториот најпребаруван поим е „Индија против Англија“, откако двете држави се натпреваруваа во рамки на Светсткото првенство во крикет. Третиот најпребаруван термин е Украина.
Украина, исто така, беше на врвот на годишната листа за најчитани вести, додека втора вест на листата беше смртта на Кралицата Елизабета II.
Џони Деп е најпребарувано лице во 2022, поради јавниот судски процес против неговата поранешна жена Амбер Херд, која пак е второто најпребарувано лице за годинава. На трето место на листата се наоѓа Вил Смит.
Кога станува збор за филмски остварувања најпребаруван е „Тор: Љубов и бура“, на второ место се наоѓа „Црниот Адам“, а на третото „Топ Ган: Маверик“.
Најпребарувана телевизиска серија е „Еуфорија“, на второ место е „Куќата на змејот“, додека на третото е „Месечевиот витез“.
Тенисерите ги освоија трите места за најпребарувани спортисти. На прво место се наоѓа Новак Џоковиќ, на второ место е Рафаел Надал, а на трето место е Серена Вилијамс.
Истовремено, најпребарувано прашање во САД било „Што е НАТО?“.