Од Синдикатот на културата на Македонија денес упатија реакција кон буџетот издвоен за културата во 2023 година.
Оттаму велат дека економската и енергетската криза тешко влијае на институциите од културата.
„Во текот на целата 2022 година постојано слушавме дека кризата ќе нѐ уништи сите, па ќе мора да ги трпиме енормните поскапувања на сите трошоци за живот, ќе мора да работиме со изгаснати светла, без греење, без ладење, без струја, без трошоци, без храна, без воздух“, велат од СКРМ.
Од Синдикатот посочуваат дека на почетокот на економски „страшната“ 2022 година буџетот бил скратен, а по ребалансот, вкупниот буџет бил скратен за 35 отсто.
„Немаше пополнување на празните работни места кога некои наши колеги отидоа во пензија, немаше пари за унапредувањата, немаше пари за фестивали, немаше пари за програма. Немаше пари за култура“, истакнуваат од СКРМ.
Од Синдикатот посочуваат дека иако Министерката за култура очекувала дека во 2023 година буџетот за култура ќе биде двојно повисок, но буџетот сепак е намален.
„Иако енормното поскапување на трошоците ги доведе институциите до раб на издржливост, па како и сите други помисливме дека и нам можеби некако ќе ни се помогне, дојде кратењето на буџетот. За 35%. Независната сцена беше оставена да преживува. Сега сфаќаме дека и тоа ни било многу“, додаваат од СКРМ.
Целата реакција на Синдикатот е достапна тука.