Скопје денеска напладне се најде на третото место на најзагадените градови во светот според платформата „IQAir“, која го следи аерозагадувањето во реално време.
Со индекс на квалитетот на воздух од 182, аерозагадувањето во Скопје во моментов е штетно по здравјето, а полош воздух од македонскиот главен град е регистриран само во Лахор во Пакистан и Њу Делхи во Индија.
Од регионот на првите 10 најлоши позиции се најде и главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, кој е на четвртото место и Белград во Србија, кој е на осмото место.
Според сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање официјалните мерни станици низ Скопје не даваат податоци за аерозагадувањето од 21 декември. Единствено која во моментов функционира е мерната станица во Гази Баба, која на последното мерење во 12 часот денеска покажала 166 микрограми на метар кубен (µg/m3) ПМ10 суспендирани честички во воздухот. Во С. Македонија најзагаден град во моментов е Гостивар каде напладне биле измерени 194 µg/m3 ПМ10 честички.
Според платформата pulse.eco во моментов на најголемиот дел од мерните станици низ Скопје се регистрираат екстремно високи нивоа на ПМ10 честички. Просечната вредност во целиот град изнесува 256 µg/m3, додека најголемо загадување покажуваат мерните станици поставени во Маџир Маало (442 µg/m3), Ѓорче Петров (356 µg/m3) и Карпош 2 (344 µg/m3).